Приватните пензиски фондови го сочинуваат вториот по големина сегмент од финансискиот систем. Нивните остварувања се подобрија во 2024 година, остварувајќи повисоки номинални и реални стапки на принос. Ризиците за финансиската стабилност од приватните пензиски фондови засега се ограничени поради сѐ уште младото членство на фондовите и минималните исплати врз основа на пензии, соопштија од Народна банка, по редовната седница на Советот на која го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2024 година.
Ограничени се и ризиците од осигурителниот сектор, кој одржува соодветна солвентност и ликвидност и солидна профитабилност.
Останатите сегменти на финансискиот систем се значително помали, а во 2024 година се издвојуваат отворените инвестициски фондови, кои остварија висок раст на средствата од над 60%, кој се должи на привлекувањето нови инвеститори и/или нови средства во отворените инвестициски фондови, но и на управувањето со средствата.