Колку одлуката за воздржаност за Палестина, ја става Македонија на вистинската страна на историјата?

Прашањето за признавање на Палестина повторно на маса: „Најважна е реалноста на терен, заштита на човековите права и билатералните односи“

од Бисера Трајковска
81 прегледи

Прашањето за признавање на Палестина повторно е во фокусот на јавноста, откако македонската дипломатија одлучи да остане воздржана. Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски е на ставот дека Македонија при носење на одлуки во делот на надворешната политика мора секогаш да биде дисциплинирана и внимателна, а не импулсивна.  

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски, за „Локално“ вели дека Македонија има свои позиции во меѓународната политика и секој чекор треба да се разгледува внимателно, и да се темели на проценки. Тој појаснува дека нашите меѓународни партнери се далеку од усвојување на еден единствен став. 

-Не би рекол дека Македонија е во малцинството на држави што не ја признава Палестина. За ова прашање не постои единство ниту во ЕУ ниту пак меѓу постојаните членки на Сојузот за безбедност на ОН, што значи дека нашите меѓународни пријатели и партнери се далеку од усвојување на еден единствен став, со кој што ние евентуално би требало да се усогласиме, вели Наумовски. 

Според Наумовски, при секоја можна одлука на оваа тема, би требало да се направи темелна внатрешна анализа, но и консултации со САД, со останатите постојани членки на Сојузот за безбедност, како и членките на ЕУ, кои имаат различен став за ова прашање. 

-Меѓународните односи и потезите што државите ги прават не би требало да се засновани на моментални емоции. Тоа е еден спор и состојба која што трае многу долг временски период наназад и не би бил оптимист дека со вакви чекори овој спор веднаш ќе исчезне и ситуацијата на Блискиот Исток драматично ќе се промени, односно ќе се подобри, додаде Наумовски. 

Тој е на ставот дека треба да се има во предвид реалноста која што постои на теренот, континуираните проблеми таму и заштитата на човековите права, но истовремено треба да се земат во предвид и билатералните односи кои што ние ги имаме и со државата Израел, како и со останатите држави на Блискиот Исток. 

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Васко Наумовски

Најважно е, како што подвлече, да ја темелиме нашата одлука на детална анализа, и истата да ни биде издржана. 

-Нашиот интерес е ние да имаме добри позиции на меѓународната сцена и да не преземаме чекори со кои што би ги нарушиле тие позиции, додаде Наумовски. 

Според Наумовски, ова прашање не е прашање кое што би требало да биде итен приоритет за македонската надворешна политика. Тој не смета дека некаква одлука на Македонија значително ќе влијае врз разрешувањето на ова прашање. 

-Не би требало да ги следиме позициите на државите со кои што имаме и стратешки пријателства и на меѓународните организации каде што сакаме да станеме членка, меѓутоа имајќи в предвид дека за ова прашање не постои консензус во Европската унија, не гледам причина за избрзана одлука, додаде Наумовски. 

Во меѓувреме во земјава постојат повеќе здруженија и организации кои испраќаат оброци до настраданите во Газа но и континуирано организираат протести. 

Претседателот на невладината организација „Легис“ Јасмин Реџепи за „Локално“ изјави дека се зголемува бројот на членовите, а истовремено и континуирано се испраќаат донации од нашата држава. 

Зависи од донациите, но речиси секој месец, од илјада до 2 илјади луѓе земаат оброк. Ова зависи од можноста на нашиот народ, но постои континуитет и добро е да се знае дека иако нашите политичари можеби биле на погрешната страна на историјата, нашите граѓани не биле, вели Реџепи. 

Тој вели дека одреден број на здруженија од земјава или хуманитарни организации, почнаа со нивните активности и протести во однос на одбрана на населението во Газа уште во ноември 2023 година, односно веднаш по нападот на Хамас врз Израел. 

Фото: Официјален Фејсбук профил на Легис – Скопје

-На сите нас ни беше јасно дека тој напад е исцениран и дека со тоа се сака нешто повеќе. Се сака цела анексија на Газа и на Западниот брег и протерување на поголемиот број на населението. Во меѓувреме, ќе се прави тоа на начин што ќе има голем човечки жртви и сето тоа ќе го плати недолжното население. Недолжното население во Газа е жртва и на сопствените режими, исто како и на окупаторскиот режим од страна на Израел, додаде Реџепи. 

Најви дека протестите ќе продолжат, а кон крајот на овој месец треба да има уште една дистрибуција на храна. 

Во однос на тоа кога ќе се одржи следниот протест, Реџепи одговори дека дополнително треба да седнат со другите организаци да се договорат. 

Околу тоа дали Македонија треба да ја призна Палестина, Реџепи е на ставот дека е важно да бидеме на страната на земјите кои се помали и кои се борат за својата самостојност. 

-Македонија треба, како една од помалите земји во Европа исто и од помалите земји во НАТО, поучена од својата историја и водена од темелни принципи, да биде на страна на земјите кои се помали и кои се борат за својата самостојност. Тоа се тие морални или етички причини, вели Реџепи. 

Тој за споредба ја наведе Словенија, која што како мала држава, сепак е многу гласна и прогресивна во своите ставови. Вели дека на ваков начин и ние би ја покажале својата сериозност во однос на надворешната политика. 

-Но, ниту претходната влада ниту оваа, не размислуваат на овој начин. Третиот момент е дека Владата својот авторитет го црпи од граѓаните. Од тоа што може да се види преку медиумите, најголемиот број на граѓани се против тоа што се случува во Газа. Сметаат дека е геноцид и дека нашиот минимален придонес кон тоа би било да се испочитува палестинскиот народ и да се признае нивната држава. Тоа не значи дека ние ќе имаме дополнителни финансиски проблеми или политички импликации, едноставно треба да ни биде јасно и на нам и на нашите членки сојузници дека тоа е патот кон ЕУ, додава Реџепи. 

Тој најави дека ќе продолжат и протестите како еден вид на притисок кон власта да знае на која страна да се престрои во однос на овие геополитички случувања. 

-Не смееме во 21 век да имаме варварски начини на одмаздување од страна на моќни држави, кон оние што се помали и кои немаат свој начин на организирана одбрана, вели Реџепи. 

Б.Т.