Интервју со Мерсиха Шукри: Да се биде дел од уметничко семејство е благослов, кој носи голема одговорност

Оној кој седи зад харфата, мора да биде психофизички јак за да произведе звук од жиците на харфата, вели Мерсиха Шукри за „Локално“

од Бисера Трајковска
127 прегледи Фото: Фејсбук

Харфата навистина делува нежно, но во исто време бара и многу сила и јачина за да се свири. Затоа оној кој седи зад овој инструмент, мора да биде психофизички јак за да произведе звук од жиците на харфата. Можам слободно да кажам дека таа во себе го носи и машкиот и женскиот дел, како јин-јанг, вели во интервју за „Локално“ харфистката Мерсиха Шукри, која воедно е првиот студент по харфа во Македонија, и прв дипломиран харфист на Факултетот а музичка уметност во Скопје.

Како што посочува, да се биде дел од уметничко семејство е благослов кој носи голема одговорност. Мерсиха Шукри во интервјуто појаснува дека дури после нејзиното дипломирање, успеала да ја купи својата харфа. Од тогаш, како што вели, таа е дел од секој нејзин личен настап. 

Нејзината матична куќа е Филхармонија, а на 23 септември таа беше дел од концерт „Пејзажот на АРКО“. Мерсиха Шукри напомена дека тоа беше вечер исполнета со магија, со огромен интерес за посетеност, но испрати апел до публиката која оди на културни настани, да ги исклучува своите мобилни телефони пред секој настан.

Може ли да ми кажете нешто повеќе за вашето детство? Како е да се биде дел од уметничко семејство и како се роди љубовта токму кон харфа?  

Пораснав во семејство каде музиката била секојдневно присутна. Имено, покрај моите татко и брат кои се професионални музичари, тука е и мајка ми која има талент за музика без разлика што има друга професија.  

И покрај тоа што сме тројца музичари во едно семејство, секој од нас е посебен бренд за себе, со своја дејност и делување во својата област. Татко ми по професија е контрабасист и до своето пензионирање, работеше во Националната опера и балет како водач на групата контрабаси. Покрај својата прва љубов, контрабасот, тој е познат и по мандолинското музицирање кое го издигна до високо ниво освојувајќи безброј награди и признанија кај нас и во светот. Мојот брат е професор по виолина во ДМБУЦ “Илија Николовски –Луј“, оснивач и диригент на Камерниот гудачки оркестар АРКО, и ја продолжува работата со Мандолинскиот оркестар „Скопје“.  

Тргнувајќи од овие факти, во моите рани детски денови, сакав да бидам балерина. Но според тогашните стандарди, бев превисоко дете за балерина. Започнав да изучувам пијано. Тоа ми овозможи да навлезам посериозно во музичките води. Имав прекрасен наставник по пијано, кој со многу љубов и работа ме водеше низ дирките на пијаното. Исто така, свирејќи мандолина, бев дел и од мандолинскиот оркестар.  

Да се биде дел од уметничко семејство е благослов кој носи голема одговорност. Понекогаш тоа претставувало и притисок бидејќи луѓето мислеле дека токму татко ми и брат ми ќе ми помагаат.  Тоа е и една од причините зошто своето средно образование го продолжив во општата гимназија „Јосип Броз“. Но, во меѓувреме, на иницијатива на татко ми, кој предаваше мандолина во средното музичко училиште, да се изучуваат инструменти кои дотогаш не биле застапени во програмата, меѓу кои и харфата. Отидов на еден информативен час за харфата кој го држеа две сестри харфистки од Русија. И тогаш се роди љубовта кон харфата. Мојата природа за откривање на нешто ново и дотогаш не достапно кај нас, ме привлече да започнам да го изучувам овој инструмент. Така, за прв пат се отвори отсек за харфа во Македонија.  

Во моментов сте етаблиран уметник со извонредни концерти во Филхармонија. Но, какви беа почетоците на вашата кариера, со какви предизвици и препреки најмногу се соочувавте?  

Како што напоменав, со мене се отвори отсекот за харфа и како прв ученик, подоцна и студент, бев еден вид експеримент. Имено, немаше план и програма по која ќе се одвива едукацијата. Немаше дури ни инструмент на кој ќе се држат часовите и ќе може да се вежба. Наставата за харфа се одвиваше на инструментите во Опера или Филхармонија. Харфата е прилично скап инструмент кој во тоа време не можев да си го набавам. Затоа, за сите настапи и концерти кои сакав да ги остварам, зависев од волјата на претпоставените на националните куќи. Дури после моето дипломирање, успеав да ја купам својата харфа.Од тогаш таа е дел од мене и секој мој личен настап.  

Сите тие препреки за време на моето образование, само ме изградија во личност која после секој пад, со уште поголема волја, љубов, истрајност и работа продолжуваше напред.  

Предизвиците продолжија и понатаму. За да остварам работен однос кај нас, чекав дури 12 години. Но, тоа време го исполнував со продолжување на моето образование надвор од Македонија, специјализација во Париз и магистерски студии во Белград. Тука се и безбројните концерти како солист, камерен музичар и солист со оркестри како во нашата држава така и надвор од неа.  

Нема да кажам дека тоа е некоја кариера, бидејќи моето патешествие со харфата е повеќе мисија која Универзумот сакал да ја започнам и следам понатаму. Сметам дека тоа е нешто повозвишено од сите оние лажно претставувани кариери.  

Сите предизвици и препреки ме научија да го почитувам секој чекор како во однос на харфата така и  животот воопшто. Искреноста и благодарноста ми се најголемите водилки во животот. 

Колку е тешко да успее една жена во светот на харфистите, сте се соочувале ли до сега со одредени предрасуди?  

Светот на харфистите е едно посебно место каде генерално жената е најзастапена. Обично се вели дека харфата е женски инструмент заради нежниот звук, долгите балски фустани на харфистките. Но морам да потенцирам дека има многу мажи кои го свират овој инструмент и се одлични во тоа. Харфата навистина делува нежно, но во исто време бара и многу сила и јачина за да се свири. Затоа оној кој седи зад овој инструмент, мора да биде психофизички јак за да произведе звук од жиците на харфата. Можам слободно да кажам дека таа во себе го носи и машкиот и женскиот дел, како јин-јанг.  

Како жена-харфистка, никогаш не сум се соочувала со предрасуди на родова основа, но сум имала случаеви кога, заради квалитет сум била оттргнувана од можност да се јавам на аудиција во одреден оркестар. Но, како изреката “секое зло за некое добро“,  благодарност до Изворот што имал други планови за мене.  

Кој е вашиот совет за младите уметници кои имаат за цел своето професионално патување да го насочат токму во овој правец?  

Да бидат свои, оригинални во она што го работат. Да си постават јасни и реални цели кои сакаат да ги остваруваат. Да имаат почит кон своите колеги и секогаш да се приземјени. Сите големи и успешни уметници се нормални и скромни луѓе без лажна слика за својата големина. Се’ во животот е менливо и минливо, затоа нека не се врзуваат ниту за успехот, а уште помалку за неуспехот. 

Фото: Фејсбук

Неодамна во Филхармонија се одржа концерт на гудачкиот камерен оркестар АРКО. Концерт исполнет со музички пејзаж и безброј емоции. За каков концерт станува збор и колку сте задоволни од посетеноста?   

Тоа беше уште едно музичко патување на гудачкиот камерен орекстар АРКО под диригентската палка на мојот брат, Ерхан Шукри. Тој како уметнички раководител на овој оркестар, секогаш наоѓа различна тематика и содржина за концертите на АРКО. Овој пат беше музичкиот пејзаж кој ја водеше публиката низ различни музички епохи. Притоа секој дел од пејзажот пленеше со својата убавина будејќи безброј емоции. Тој музички пејзаж го претставија група луѓе, драги пријатели и колеги, одлични музичари и професионалци кои својата прекрасна енергија успеаа да ја пренесат и на публиката. Концертот го збогатија и тројца солисти – Сихана Бадивуку на виолина, Жана Актурк од Турција на мандолина и на моја огромна чест, јас како солист на харфа. Имаше дела кои премиерно се изведуваа кај нас. Морам да истакнам дека беше вечер исполнета со магија. Интересот за овој концерт беше навистина голем, исто како и посетеноста.  

Но морам да обрнам внимание на една работа која се провлекува на концертите како што беше случај и на овој. Нека биде ова еден апел до публиката која оди на културни настани. Исклучете ги вашите мобилни телефони пред секој настан. Многу е непријатно кога еден уметник, внесен комплетно во својата изведба, слуша звуци од публика. Уживајте во живата изведба на уметноста која е пред вас. Емоцијата која се доживува на самото место нема да ја имате доколку подоцна го гледате снименото.  

Може ли да најавите дел од вашите идни концерти кои ќе се случат во блиска иднина?  

На 2 октомври започнува концертната сезона на мојата матична куќа, Македонска филхармонија. Со тоа започнуваат и моите концерти во рамките на оркестарското музицирање. Оваа сезона ќе изобилува со прекрасни концерти кои навистина не треба да се пропуштат. Секако, во дел од нив ќе има и многу соло делници на харфата.  

Веќе по отварањето на концертната сезона, заедно со моите колеги од Македонската филхармонија ќе патуваме за Виена, каде на 28 октомври ќе настапиме во легендарната „Златна сала“ на Музикферајн. Ќе настапиме на сцената на која секоја година се одржува најпознатиот новогодишен концерт на светот. Со овој историски настап за нас, ја крунисуваме 80-годишнината на Македонска Филхармонија.  

Набргу после враќањето од Виена, во преговори е да настапам како солист со уште еден оркестар. Секако, за тоа јавноста ќе биде дополнително известена.  

 Б.Т.