Преговарачката рамка е најважниот документ кој што не штити од какви било нови барања. Нема поважен документ. Секој кој што се обидува да не ја почитува преговарачката рамка или да пресоздава нови алтернативни варијанти, влегува во ризичен терен. Отворање на дебата во предизборната кампања сметам дека нема да помогне на процесот, вели кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи.
Тој денеска за време на промовирањето на изборната кампања, на новинарско прашање од „Локално“, околу резолуцијата на СДСМ, го повтори ставот дека има некои прашања кои што мора да излезат од дневно политичкиот дискурс, за политички поени.
-Тоа е прашањето на ЕУ и прашањето поврзано со ЕУ. Мислам дека во неколку наврати во која било функција, сум побарал да има натпартиски договор по однос на стратешките прашања. Го кажав примерот на Хрватска. Хрватска имаше само 72 месеци преговори со ЕУ, заради една причина. Затоа што позицијата и опозицијата постигнаа договор дека ќе се натпреваруваат за сите теми, но не за ЕУ, рече Османи.
Според Османи, преговарачката рамка ги има постигнато двете најважни прашања по однос на односот со Бугарија – јазикот и посебноста на народот.
-Уставните измени се единствената гаранција за посебноста, а јазикот е дефиниран во преговарачката рамка. Секој што се обидува да отвори нови состојби со Бугарија, всушност мислам дека работи за Бугарија, додаде Османи.
Б.Т.