„Османи и ДУИ во пресрет на дебакалот кој ќе им се случи на претстојните локални избори, за да добие медиумско влијание, повторно креваат прашина во јавноста, со ширење на етнонационализам и лаги помеѓу граѓаните. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ниту мразат некого, ниту пак се албанофоби. Тоа можат единствено да бидат тие од ДУИ, кои по се изгледа не си го сакаат народот“ – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ.
Според партијата од „Белата палата“, доколку Османи и ДУИ си го сакаат народот, немаше да потпишуваат, како што велат, капитулантски договори со Бугарија и Грција, немаше да гласаат за промена на името и Уставот, немаше да играат фудбалчиња по министерства, немаше млади момчиња да купуваат молови по центарот на градот.
-Доколку Османи и ДУИ си го сакаат народот, како што велат, немаше низ Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Липково, Пласница, Струга, Теарце, Сарај, жителите да газат низ кал, да нема водовод, канализација, основни човекови услови за живот. Сметаме дека Османи и ДУИ, пред да излезат да говорат беседи пред јавноста, треба прво самите да се погледнат во огледало, порачуваат од партијата на премиерот Христијан Мицкоски.
Османи денеска рече дека Мицкоски по природа е албанофоб и ги мрази Албанците. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за дел од синоќешниот говор на Мицкоски, на партискиот митинг на првиот ден од изборната кампања, во кој ја критикуваше ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, на кого, пак, му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.