Цените на куќите мерени според индексот пораснаа за 5,1% во еврозоната и за 5,4% во Европската Унија во вториот квартал од оваа година, во споредба со истиот квартал од претходната година.
Во првиот квартал од оваа година, цените на куќите пораснаа за 5,3% и 5,7% во еврозоната и ЕУ, соодветно. Овие податоци ги објави Европскиот завод за статистика – Евростат.
Во споредба со првиот квартал, цените на куќите пораснаа за 1,7% во еврозоната и за 1,6% во ЕУ во вториот квартал од оваа година.
Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, една земја забележа годишен пад на цените на куќите во вториот квартал од 2025 година, додека дваесет и пет земји забележаа годишен пораст. Падот е забележан во Финска (-1,3%), додека најголемите зголемувања се забележани во Португалија (17,2%), Бугарија (15,5%) и Унгарија (15,1%).
Во споредба со претходниот квартал, цените се намалија во две земји-членки, а се зголемија во 24 земји-членки. Падот е забележан во Франција (-0,2%) и Белгија (-0,1%), додека најголемите зголемувања се забележани во Португалија (4,7%), Луксембург (4,5%) и Хрватска (4,4%).