Нов марш за солидарност со Палестинците одржан во Скопје: „Како што Македонија беше распарчена по војните, така и Палестина денес е окупирана и поделена“

Организаторите на маршот од иницијативата „Сите за Палестина“ објавија дека протестниот марш е дел од глобално движење на отпор и солидарност, со цел да се прекине тишината на меѓународната заедница и да се изврши притисок врз властите да преземат конкретни чекори против „израелската окупација и геноцид“

од Nikola Popovski
117 прегледи Фото: Фејсбук профил на ЗХГ

Денес во Скопје се одржа протестен марш во знак на солидарност со Палестинците, под слоганот „Стоп на геноцидот – Маршираме за Палестина“. Стотина граѓани се собраа пред споменикот „Симфонија на мирот“, од каде што се упатија кон зградата на Владата.

Организаторите на маршот од иницијативата „Сите за Палестина“ објавија дека протестниот марш е дел од глобално движење на отпор и солидарност, со цел да се прекине тишината на меѓународната заедница и да се изврши притисок врз властите да преземат конкретни чекори против „израелската окупација и геноцид“.

„Како што Македонија беше растргната по војните, Палестина е окупирана и поделена денес. Болката на една палестинска мајка е иста како и болката на нашите баби протерани од Егејот“, рече еден од говорниците на протестот.

Организаторите остро ја критикуваа надворешната политика на властите, кои засега не ја признаваат Палестина како држава.

„Веќе две години, нашите власти го посрамотуваат угледот на Македонија на меѓународно ниво. Наместо независна и принципиелна политика, гледаме пасивност и усогласување со туѓите интереси. Македонија денес избира да затвора очи пред геноцидот, а тоа е политичка одлука, а не неутралност“, рече еден од претставниците на иницијативата „Сите за Палестина“.

Тие потсетија дека Македонија, како дел од Југославија, беше меѓу првите земји што ја признаа Палестина во 1988 година, испраќајќи јасна антиколонијалистичка порака.

„Нашата надворешна политика денес ја негира историјата и го поткопува сопствениот кредибилитет. Ако денес го игнорираме меѓународното право за Палестина, утре не можеме да очекуваме другите да го почитуваат тој закон кога станува збор за нашите национални прашања“, наведоа организаторите на протестот.

Протестниот марш заврши пред зградата на Владата со повици за признавање на Палестина и конкретна политичка акција. Организаторите објавија дека маршот е дел од поширока кампања за политички притисок и јавна мобилизација.