ЗНАМ: Дивоградби пред општина Центар – градоначалникот Герасимовски молчи

На денешната прес конференција Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија посочи дека пред кабинетот на градоначалникот, на само 30 метри од општината, се случува урбанистички криминал кој го гледаат сите жители на Центар, но за кој актуелниот Градоначалник и градежната инспекција молчат.

од Vladimir Zorba
20 прегледи Фото: ЗНАМ

На денешната прес конференција Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија посочи дека пред кабинетот на градоначалникот, на само 30 метри од општината, се случува урбанистички криминал кој го гледаат сите жители на Центар, но за кој актуелниот Градоначалник и градежната инспекција молчат.

Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов рече дека пред очите на јавноста се уништуваат дрвја, се узурпираат тротоари и јавни површини, а приватниот интерес повторно е ставен над интересот на граѓаните.

„Сведоци сме на узурпација на јавен простор, уништување на зеленило и изградба на дивоградби, токму пред очите на општината, без никаква транспарентност. Затоа јавно го повикуваме актуелниот градоначалник Горан Герасимовски:

• Да ја објави целокупната документација поврзана со Хотел „Маџо“ – од барањето за градба и доградба на т.н. летна тераса, која всушност е ресторан, преку сите акти за пренамена во хотелско сместување, до неговите лични потписи на одобренијата за доградба.

• Да излезе пред ЦЕНТАРЦИ и да покаже документи и аргументи за тоа како е дозволено да се догради аголот од објектот во парцела 22.1 и да се изврши целосна реконструкција на соседниот објект (парцела 22.10) , додека јавни површини се користат за градежни активности и зеленилото се уништува“, рече портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов. Тој додаде дека фактите зборуваат и ситуацијата на терен е кристално јасна.

„Според ДУП „Дебар Маало 2“ – градежна парцела 22.1 предвидува дворно место, а денес таму гледаме узурпација за угостителски намени со цврста градба. На парцелата 22.10 се изведуваат работи како целосна реконструкција – фасада, кров, внатрешност.Поставени се и надворешни скали, и тоа на тротоар, кој е јавна површина.

За време на овие интервенции исечени се две дрва и оштетен е косник од бандерата“, потенцира Мемов и запраша:

„Дали општинската градежна инспекција воопшто постапила по овој случај?

-Дали е извршен инспекциски надзор, и ако е – кои се заклучоците?

-Дали е издаден налог за стопирање на градежните работи и за санкции, или пак, градежната инспекција при општина Центар свесно молчи и дозволува објектот да расте пред очите на јавноста? Господине градоначалник, како е можно вакви интервенции да се одвиваат пред вашиот кабинет, а општината да молчи“.

Портпаролот на Движењето ЗНАМ рече дека сето ова е доказ за соучесништво и за штитење на приватни интереси на сметка на јавниот простор. Мемоав наглси дека Центарци имаат право да ја знаат вистината и дека мора да се престане со молкот и со селективната правда.

„Доста е со политичка глума и манипулации. Горан Герасимовски, излези конечно пред граѓаните.

Дали ова е твоето ветување – јавен простор за приватни бизниси?

Дали ова е твојата визија – Центар без зеленило, без воздух, без иднина? Ова е понижување за сите жители на Центар кои ти дадоа доверба, а години наназад добиваат бетон наместо парк, дивоградби наместо ред, корупција наместо правда“, рече Мемов и додаде дека граѓаните не се слепи.

„Граѓаните ЗНААТ и Центар ЗНАЕ. На 19 октомври граѓаните ќе изберат човек кој навистина ќе работи во интерес на Центар, за граѓаните, за нивните соседи, семејства и за зачувување на јавните простори и зеленило“, потенцира портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов на денешната прес конфернција.