Србија и Албанија со поголем минималец, ние ја пропуштивме можностa да го зголемиме пред избори

-Очигледно е дека минималната плата нема да се зголеми ниту пред Нова Година. Инфлацијата ги демантираше тврдењата на работодавачите дека платите треба да се зголемат само според продуктивноста, изјави за „Локално“, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв24

Србија и Албанија донесоа одлука од 1 јануари наредната година да го зголемат минималецот. Во Србија тој ќе изнесува 64.554 динари или 551 евро, а во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки, односно 515 евра. Македонците работници ќе останат да го чекаат законското усогласување во март наредната година. И покрај тоа што се очекуваше дека пред изборите синдикатите, работодавачите и Владата ќе се договорат за зголемување на минималната плата, сепак тоа не се случи.

-Очигледно е дека минималната плата нема да се зголеми пред избори, а нема да се зголеми ниту пред Нова Година. Работниците ќе го чекаат законското усогласување во март. Но, тука мора да напоменеме дека не станува збор за зголемување на платите туку само нивно усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Инфлацијата ги демантираше тврдењата на работодавачите дека платите треба да се зголемат само според продуктивноста, изјави за „Локално“, Иван Пешевски – потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Фото: Иван Пешевски

Според него, како македонските работници не се продуктивни кога еден работник на газдата му прави 600 илјади денари за една година.

-Кај нас нема социјален дијалог, нема никаква најава дека наскоро ќе има Економско социјален совет, а нема ниту воља од Владата да се преговара за зголемување на платите. Србија и Албанија донесоа одлука за зголемување на минималецот од 1 јануари наредната година на тој начин Македонија остана последна во регионот и по минималната и по просечна плата, што ќе биде причина за одлив за уште повеќе работници од државата, објаснува Пешевски.

Од ССМ посочуваат дека повисоки плати се потребни не само за работникот, туку и за подобра бизнис клима. Статистичките податоци покажуваат дека кога растат платите се отвораат, а не се затвораат фирми. Оттаму додаваат дека за да се спречи одливот на работна сила и да се покријат троците за живот, неопходно е минималната плата да биде 500 евра, но и да се зголемат сите останати плати.

Со зголемување на минималецот во Албанија, македонските работници можат да заминат да работат во оваа соседна земја каде и во моментов минималната плата е поголема од нашата и изнесува 412 евра, а од наредната година ќе се покачи за 100 евра. Среднорочната цел на земјата е просечната плата да достигне 1.000 евра во следните четири години. Она што е важно дека даноците нема да се зголемат во првите 18 месеци од зголемувањето на минималната плата, со цел граѓаните и бизнисите во земјата да работат во постабилна финансиска клима.

Во Србија, пак минималната плата од наредната година ќе се зголеми  на 551 евро, што во однос на минималецот кој во 2024 година изнесуваше 404 евра, ова  е зголемување од 36 отсто.