Кои се петте најтргувани акции на македонската берза во септември?

Три од петте најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонската берза во септември 2025 година доаѓаат од банкарскиот сектор, што укажува на зголемен интерес на инвеститорите кон финансиските институции

од Vladimir Zorba
21 прегледи Фото: Фејсбук/Македонска берза

Три од петте најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонската берза во септември 2025 година доаѓаат од банкарскиот сектор, што укажува на зголемен интерес на инвеститорите кон финансиските институции. Покрај Комерцијална банка, во врвот на листата се и акциите на Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка Скопје. На листата се најдоа и долгогодишните фаворити – Макпетрол и Алкалоид.

Акциите на Комерцијална Банка АД Скопје, Макпетрол АД Скопје и Алкалоид АД Скопје биле најтргувани на официјалниот пазар на Македонската берза во септември 2025 година, покажуваат податоците од Месечниот статистички билтен на Берзата. Во топ-петте најактивни хартии од вредност се најдоа и Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка Скопје, со значителен број трансакции и промет.

Со акциите на Комерцијална Банка направени се 491 трансакции, со просечна цена од 28.300,51 денари и промет од1.909.849 евра.

По нив со 125 трансакции со просечна цена од 116.462,98 денари и промет од 1.100.905 евра следат акциите на Макпетрол, а зад нив со 327 трансакции со просечна цена од 26.145,84 денари и промет од 1.084.843 евра се акциите на Алкалоид.

Во првите топ пет најтргувани акции се најдоа и акциите на Стопанска банка со 131 трансакции со просечна цена 2.828,99 денари и промет од 459.221евра и НЛБ Банка со остварени 83 трансакции со просечна цена од 58.022,82 денари и промет од 260.992 евра.