Последната анализа на Државниот завод за статистика, објавена согласно податоците од Истражувањето за приходите и условите на живеење, го покажува поразителниот факт дека речиси секое трето дете во земјава живее во сиромаштија. Во 2023 година 22.2 отсто од граѓаните биле сиромашни, а најпогодени се семејствата со три и повеќе деца, но и самохраните родители. Каде системот потфрла во однос на заштитата на децата, имајќи ја во предвид оваа поразителна бројка?
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ за „Локално“ велат дека децата се најранлива група во општеството, при што во нашата земја 30 проценти од нив живеат во сиромаштија, во споредба со 22 проценти од возрасните – стапка што е речиси за 50 проценти повисока.
-Навистина, станува збор за загрижувачка бројка, особено ако се земе предвид дека стапката на детска сиромаштија денес е повисока отколку пред десет години, кога државите во светот се обврзаа преку Целите за одржлив развој да го преполоват процентот на население што живее под прагот на сиромаштија, посочуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Како што информираат, од 2019 година, земјата спроведува значајни реформи, меѓу кои и воведувањето на мерката за загарантирана минимална помош.
Сепак, појаснуваат, трошоците за социјална помош се ограничени, со издвојување од само 1,3 проценти од БДП, а помалку од 23 проценти од децата примаат парични додатоци наменети за децата и семејствата, во споредба со повеќе од 88 проценти деца во Европската унија.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ информираат дека владата неодамна го усвои Националниот акциски план за правата на децата 2025–2029, кој вклучува политики и мерки за намалување на детската сиромаштија и подобрување на пристапот до основни социјални услуги без дискриминација.
-Спроведувањето на Европската гаранција за децата, која конкретно таргетира детска сиромаштија и социјална исклученост, како и планираното зголемување од 15 проценти на паричната помош за деца, може да помогне во намалување на нееднаквоста меѓу децата, појаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ очекува овие мерки да придонесат за поголема социјална инклузија и еднаквост кај децата.
На прашање кои се најголемите предизвици со кои се соочува едно дете што расте во сиромаштија, од Канцеларијата на УНИЦЕФ потенцираат дека кога децата растат лишени од задоволување на основните потреби како што се храна, живеалиште и образование, доаѓа до нарушување на нивниот физички и когнитивен развој и се ограничуваат нивните социјални и економски можности понатаму во животот.
Според Канцеларијата на УНИЦЕФ, сиромаштијата има влијание на здравиот развој, образование и социјален и емоционален развој кај децата.
Тие посочуваат дека децата што растат во сиромаштија често не добиваат соодветна исхрана – а тоа го ограничува нивниот физички и когнитивен развој, особено во раното детство, а го ограничува и пристапот до здравствена заштита, со што се зголемува ризикот од болести во детството и хронични заболувања во зрелоста.
Како што потенцираат, постојат и еколошки фактори: децата кои живеат во сиромаштија почесто живеат во населби со повисоко ниво на загадување на воздухот.
Во однос на образованието, од Канцеларијата на УНИЦЕФ велат дека децата кои живеат во сиромаштија, кога ќе појдат на училиште се помалку подготвени од другите деца затоа што немале можност да посетуваа предучилишно образование и немале можност за учење во раното детство дома.
– Помалку од 10 проценти од децата од домаќинства со ниски приходи посетуваат градинка, а подоцна, на училиште, почесто се соочуваат со изостанување, се соочуваат и со поголем ризик од напуштање на школувањето, послаби резултати и помала веројатност за продолжување со високо образование, а тоа ги ограничува идните можности за вработување, појаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Во однос на социјалниот и емоционален развој, од Канцеларијата на УНИЦЕФ се на ставот дека овие деца имаат поголема веројатност да развијат ниска самодоверба и проблеми со менталното здравје поради секојдневниот товар на нивните тешки околности и стресот предизвикан од незадоволување на основните потреби.
Сиромаштијата, потенцираат, исто така се пресекува со други предизвици – децата од малцински или маргинализирани заедници почесто живеат во сиромаштија и се соочуваат со дискриминација, што создава дополнителни пречки за излез од тој циклус.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ велат дека последиците од растење во сиромаштија често се пренесуваат и во зрелата возраст, што доведува до пониски приходи, полошо здравје и пократок животен век. Постои и висок ризик од меѓугенерациска сиромаштија.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ потенцираат и на главните активности или мерки кои што државата треба да ги преземе за заштита на децата од сиромаштија.
Како што велат, механизмите на социјална заштита, особено паричните додатоци наменети за децата и семејствата, играат клучна улога бидејќи им овозможуваат на семејствата што живеат во сиромаштија да вложуваат во здравјето, образованието и благосостојбата на своите деца.
-Постојат повеќе услуги што можат да помогнат во извлекување на децата од сиромаштија, како што е проширенa парична помош, зголемен пристап до предучилишно образование, инклузивно образование, програми за развој на вештини за децата што прерано го напуштиле училиштето и универзално здравствено осигурување, појаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Додаваат дека покрај централната власт, општините имаат клучна улога во намалувањето на детската сиромаштија.
-Тие можат да ја зајакнат поддршката на децата што живеат во сиромаштија преку парични надоместоци од општината за семејства со новороденчиња и првачиња, како и преку ослободување од партиципација за услуги како што се градинка и грижа за деца од семејства со ниски приходи, вклучително и ромски семејства, посочуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Општините, посочуваат, исто така имаат посебна улога во проценката на локалните социјални потреби и во локалното акциско планирање, со што се обезбедува ефективен пристап до ранливите групи и нивна инклузија.
Б.Т.