Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку објава на Фејсбук реагира на, како што вели, „очајните, неосновани и политички мотивирани напади“ од СДСМ, наведувајќи дека преку постојани барања за негова оставка се обидуваат да го прикријат сопствениот неуспех и стравот од одговорност.
-Во последните денови сме сведоци на уште еден бран од очајни, неосновани и политички мотивирани напади од СДСМ кон мене. Искрено, разбирам дека очајот е огромен кога секоја нова анкета им ја топи поддршката побрзо отколку што тие успеваат да измислат нова лага, но оваа хистерија што ја гледаме не е политичка дебата, туку очај маскиран во соопштение. Помина повеќе од една година во која секојдневно активност на прес-центарот на СДСМ не е ништо друго освен папагалско повторување на зборовите: „Оставка за Тошковски!“. Секој ден, истата реченица, иста интонација. Изгледа како да добиле упатство без разлика која е темата, одговорот мора да биде „оставка“. Еден ден тоа е безбедноста, друг ден животната средина, третиот парното во зграда. Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје. Кај нив, секоја тема е добра, само ако може да се спакува во зборот „оставка“, наведува Тошковски.
Според Тошковски, таквите небулози само покажуваат колку е изгубена партијата што нема аргументи, па се обидува да произведе скандал од секој еден случај. Истата матрица ја гледаме и во обидите да се прикаже дека припадници на МВР воделе партиски состаноци по месни комитети.
-Тоа не е загриженост за институцијата, тоа е страв од институција што конечно не им е под команда. Кога не можат да најдат реален пропуст го измислуваат. А кога ќе се појави вистински настан, како денешниот инцидент со пукање во Куманово, веднаш го претвораат во нова доза на политичка хистерија. Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика, стои, меѓудругото,во објавата на Тошковски.