АВМУ: Судот одби дел од тужбата на Левица, Апасиев користи вулгарни изрази како напади

АВМУ: „Основниот граѓански суд Скопје, на 3 октомври 2025 година, донесе Решение со кое како неоснован го одби предлогот од тужбата на политичката партија Левица против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за издавање привремена мерка“

од Nikola Popovski
115 прегледи Фото: Принтскрин

„Основниот граѓански суд Скопје, на 3 октомври 2025 година, донесе Решение со кое како неоснован го одби предлогот од тужбата на политичката партија Левица против Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за издавање привремена мерка со која на АВМУ ќе ѝ се забрани: до комерцијалните медиуми да го достави Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, а до Државната изборна комисија – да го достави извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање (ППР), врз основа на кој ДИК ги распределува и исплаќа средствата за ППР“. Ова денеска стои во соопштението од АВМУ.

Во него се додава дека Агенцијата го усвои Упатството со единствена цел да обезбеди јасни и прецизни насоки за радиодифузерите при примената на членот 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, кој ја уредува распределбата на времето за ППР.

-Содржината на Упатството е строго условена од одредбите на Изборниот законик, кој експлицитно ги пропишува бројот на минутите за ППР, нивната распределба и субјектите меѓу кои се распределува. Агенцијата нема ниту можност, ниту овластување да излегува надвор од овие рамки, да доделува поголеми права од предвидените или да пропишува поинакви правила од оние утврдени со Законикот.

Левица е парламентарна партија со своја пратеничка група и сигурно знае дека Изборниот законик може да се измени само во Собранието, каде пратениците можат да поднесат предлог за негова измена, велат од АВМУ.

И покрај тоа што овие факти му се добро познати на лидерот на Левица, тој, додаваат од Агенцијата упорно и намерно ги игнорира, користејќи ја секоја можна прилика за вербални напади врз Агенцијата.

-При тоа употребува крајно вулгарни, омаловажувачки и недолични изрази, несоодветни за јавна личност и за претставник на политичка партија. Ваквото однесување е веќе препознатлива пракса – истата стратегија на напади, лидерот на Левица ја применуваше и за време на претходните избори, кога Уставниот суд ги отфрли иницијативите поднесени од него против тогашното Упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024.

Без оглед на ваквите континуирани и неосновани напади, Агенцијата останува доследна на својата единствена цел – почитување и спроведување на законските решенија, порачуваат од АВМУ.

Опозициската партија Левица отвори повеќе правни фронтови против АВМУ, откако со донесеното упатство партијата беше единствено исклучена од можноста за платено политичко рекламирање на претстојните локални избори, иако има шест пратеници во актуелниот состав на Собранието. Од Левица обвинуваат дека институциите ја игнорираат неправдата и избегнуваат одговорност, бидејќи ниту една од нив досега не се изјаснила како надлежна да го поништи спорното упатство.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), преку Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), го поднесе преодниот извештај за локалните избори што се однесува на периодот од 5 септември до 1 октомври 2025 година. Во извештајот, меѓу другото, е нотирана и цензурата кон партијата Левица во однос на политичкото рекламирање.

Партијата ја оценува оваа цензура како израз на „очај на владејачката гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ”, чијашто, како што велат, катастрофална политика резултирала со „огромно незадоволство на народот”.