Во рамки на проектот „Зајакнување на младите во С. Македонија: клучна алка во градење општество без корупција“, денес во Скопје се одржа настан кој ги отвори најчувствителните прашања за корупцијата – овојпат преку очите на младите. Настанот го отвори Бојана Мијовиќ Христовска, директорка на Аналитика Тинк Тенк, која потенцираше дека корупцијата не е далечен или абстрактен проблем, туку нешто што директно ги демотивира младите, им ги одзема шансите и ја нарушува нивната верба дека трудот се исплати.
„Нашата идеја беше едноставна – да не зборуваме за младите, туку да ги слушнеме. Резултатите покажуваат дека тие имаат што да кажат, и уште повеќе – знаат што треба да се направи,“ истакна таа. Мијовиќ Христовска најави и новата мобилна апликација „Глас против корупција“, нарекувајќи ја практична, анонимна и едукативна алатка која ќе им овозможи на младите да пријават, да се информираат и да се вмрежат околу решенија.
Дополнително, свое воведно обраќање имаше и г-ѓа Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, која ја нагласи потребата темите за интегритет и антикорупциска едукација да станат составен дел од наставните програми. Борбата против корупцијата не е само задача на државата – туку заедничка одговорност на секој ученик, родител, наставник и граѓанин. Образованието ќе продолжи да ги поддржува и промовира овие иницијативи – затоа што не учи само, туку и воспитува.
„Образованието не смее да остане немо на предизвиците што ги чувствуваат младите. Училиштето треба да биде првиот простор каде учат што е интегритет, а не првиот каде ќе го изгубат. Антикорупциското образование мора да биде континуиран процес кој ги вклучува сите – ученици, наставници, родители и заедницата.“
Маја Христовска од Аналитика Тинк Тенк, во соработка со ОЖС Струмица и ИГИ Гостивар, ја презентираше најновата анализа за перцепциите, искуствата и ставовите на младите за корупцијата во земјата, како и иновативен дигитален одговор на проблемот – апликацијата „Глас против корупција“.
Клучни наоди од истражувањето
-Образованието е жариште на корупција: 54% од младите имале директно или посредно искуство со коруптивни практики.
-30% спомнуваат купување дипломи, а 24,3% поткуп за оценки.
-69,6% велат дека корупцијата ги демотивира и ја урива довербата во знаењето и трудот.
-70% од младите сметаат дека образованието воопшто не ја третира темата за корупција.
-Само 8% веруваат дека институциите се борат со корупцијата.
-51% би пријавиле корупција ако постои доверлив механизам.
Жените се перципираат како поизложени на корупција во процесите на вработување.
-Половина од младите (50,7%) би користеле мобилна апликација за анонимно пријавување.
Како одговор на апатијата и стравот од пријавување, на настанот беше претставена првата мобилна апликација за анонимно пријавување на корупција наменета за млади – „Глас против корупција“. Нејзината најголема карактеристика е целосната анонимност – не бара никаква регистрација, не чува податоци и овозможува едноставно пријавување без авторизација. Благодарение на ова, апликацијата е достапна и безбедна за користење од страна на младите.
Оваа дигитална алатка не е само технолошка новина, туку и симбол на новата генерација која не сака да молчи. Со сигурен и доверлив механизам, претставува реален чекор кон мобилизација, отчетност и активна граѓанска улога во борбата против корупцијата.