Колку е важна потребата да се грижиме за сопственото ментално здравје и зошто е ова многу важна тема кон која системот треба да посвети повеќе внимание, е прашањето кое денеска е во фокусот, кога го одбележуваме Светскиот ден на менталното здравје. Обезбедува ли општеството навремена и достапна поддршка на граѓаните кои се соочуваат со предизвиците поврзани со ментално здравје и раните знаци на депресија?
Психологот Радмила Манчевска за „Локално“ вели дека после короната, значително е зголемена потребата за поддршка и помош за менталното здравје.
Исто така и после несреќата во Кочани, граѓаните дополнително добија поголема потреба за помош и поддршка од психолог или психотерапевт.
-Генерално, потребно е да работиме на прифаќање на себе си и на сопствените емоции, да водиме здрав начин на живот. Ова се однесува на здрава исхрана, на квалитетен сонот, но и да внимаваме колку време седиме на социјалните мрежи, затоа што и тоа во голема мера влијае на менталното здравје, посочи Манчевска.
Како што појаснува, многу е важно да знаеме да се поврземе со другите, да се дружиме и да имаме здрав однос со најблиските, поаѓајќи од нашето семејство.
-Тоа се значајни работи кои го градат нашето ментално здравје, додава Манчевска.
Психологот објасува дека постои видлива и невидлива депресија.
Видливата депресија е изразена во намален интерес за секојдневните активности или намалена ефикасност во нивното извршување, намалена мотивација и промена на расположението.
Невидливата депресија не може веднаш да се воочи, затоа што постои можност оние кои имаат депресија да ги гледаме насмеани.
-Симптомите на депресија не се секогаш видливи. Меѓутоа, апатичноста е сигналот кој што ни укажува дека треба да се запрашаме и да видиме што се случува во нашиот живот, дали станува збор за реакција или почетна состојба на депресија. Кај видливата депресија освен што постои незаинтересираност, исто така може да има појава и на суицидални идеи и размислувања, односно обиди за одземање на животот во екстремна смисла, додава Манчевска.
Таа е на ставот дека во последниот период во однос на свесноста за значењето на менталното здравје имаме придвижувања во нагорна линија, но потребна е поголема поддршка и стратегија, како и поголема достапност на стручните соработници.

Фото: www.ndr.de
-Знаеме дека психотерапевтите генерално работат во приватна пракса. Немаат сите граѓани можност за пристап до оваа услуга и сметам дека во овој дел е потребно да се направи малку повеќе. Од друга страна, превентивата е една од најважите и најзначајните активности каде треба да се вложува, посочи Манчевска.
Таа вели дека менталното здравје е тесно поврзано со околината во која што живееме.
-Треба да изградиме систем на хумани вредности. Мислам дека најважно во однос на менталното здравје се ставовите и уверувањата кои ги имаме. Важна е и средината во која што живееме. Треба да изградиме средина во која што ќе има почитување, еднаквост, одговорност, а не средина во која што вкладее корупција, мито, селективност, додаде психологот.
Манчевска појаснува дека менталното здравје треба да го разбереме во поширок контекст, затоа што тоа опфаќа повеќе области од пошироката општествена заедница.
Соред Манчевска, превенцијата е најисплатлива. Тука спаѓа и едукација на населението во однос на тоа на кој начин можат да изградат резилиентност или отпорност за справување со стресни ситуации.
-Таа психоедукација е многу значајна, меѓутоа значајни се и условите во кои што живееме. Токму поради средината во која што живееме, голем дел од младите се иселуваат. Тие се незадоволни со самиот систем во кој што живеат, затоа што се чувствуваат како недоволно поддржани и недоволно поттикнати да можат да ги искажат сопствените потенцијали. И тоа влијае на менталното здравје, додаде Манчевска.
Таа посочи дека треба да вложуваме во интервенција и превенирање на сите други видови на психолошки состојби, не само на депресијата.
Б.Т.