Трајановски: Системско пренасочување на ингеренциите за поефикасно раководење на Градот

Градот Скопје ќе воспостави нов модел на управување со комуналната хигиена и сообраќајниот ред, преку системско пренасочување на ингеренциите и создавање Комунална и Сообраќајна полиција под капата на Градот, изјави кандидатот за градоначалник на Скопје, Александар Трајановски.

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Коалиција за успех

Градот Скопје ќе воспостави нов модел на управување со комуналната хигиена и сообраќајниот ред, преку системско пренасочување на ингеренциите и создавање Комунална и Сообраќајна полиција под капата на Градот, изјави кандидатот за градоначалник на Скопје, Александар Трајановски.

Комуналната полиција ќе има превентивна улога во спречување на создавање диви депонии, палење отпад и несовесно постапување со ѓубрето. Со воведување на строги мониторинг и лиценцирање на сите транспортни возила за градежен шут и кабаст отпад, ќе се обезбеди јасно следење на нивното движење и на местата каде отпадот се одлага. Благодарение на беспилотни летала со термални сензори, ќе се врши рана детекција на чад, оган и загадување, што ќе овозможи брза реакција и заштита на животната средина.

Истовремено, Сообраќајната полиција ќе премине во надлежност на Градот, со што ќе се постигне поефикасно управување со сообраќајот и инфраструктурата. Ако токму Градот и општините се тие што инвестираат милиони евра во изградба и одржување на улици, булевари и сообраќајна сигнализација, тогаш логично е и санкционирањето и средствата од казните да бидат во нивна надлежност.

„Ова е чекор кон вистинска децентрализација и кон поголема ефикасност во секојдневното управување со градот. Средствата од казните ќе се враќаат таму каде што се трошат, во градот и општините,“ истакна Трајановски.

Ваквиот модел може да се реализира на два начина: со воведување идентичен принцип на поделба на средствата од сообраќајните прекршоци, како што важи за даноците и комуналиите, или со целосно завршување на процесот на децентрализација во овој сегмент.

Со оваа мерка, Градот ќе добие вистинска контрола и одговорност, а граѓаните, почист, побезбеден и поуреден град, додаде Трајановски.