Петрова и Азески во заедничка мисија за успешна имплементација на системот за е-фактурирање

ВО ЗАЕДНИЧКА МИСИЈА ЗА УСПЕШНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА СИСТЕМОТ ЗА Е-ФАКТУРИРАЊЕ

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: УЈП

Делегација на Управата за јавни приходи, предводена од директорката Елена Петрова, оствари средба со претседателот Бранко Азески и претставници на Стопанската комора на Северна Македонија.

На состанокот беа презентирани активностите и динамиката за воведување на системот за е-фактурирање, како една од клучните реформи во процесот на дигитализација на даночниот систем. Двете страни се согласија за интензивна соработка и активно вклучување на ресурсите и капацитетите на Комората, со цел навремено информирање и подготовка на компаниите за практична примена на новиот систем.

Соговорниците оценија дека проектот има значајно влијание врз македонското стопанство, преку унапредување на деловната транспарентност, намалување на административните трошоци и ефикасна борба против сивата економија.

Управата за јавни приходи останува доследна на својата определба за јакнење на партнерскиот однос со даночните обврзници, кои се рамноправни чинители на даночниот систем и клучни носители на економскиот развој, стои во утринскиот допис од Управата до медиумите.