Во отсуство на идеи и визија, ЗНАМ и Никола Мемов тргнаа во брутална црна кампања – толку очајна, што дури и чистењето на ѓубрето им пречи. ЗНАМ и Мемов сега ги напаѓаат акциите за чистење на депониите и уредување на јавниот простор во Центар, нешто што директно ги подобрува условите за живот на сите граѓани, реагираат од СДСМ на претходното соопштение од портпаролот на ЗНАМ.
Според СДСМ, како што велат, најновата лага од нивната кујна е дека чистењето на дивата депонија во Крњево и предвидените проекти таму не можеле да се реализираат. Од партијата велат дека по барање на самите жители општината ја исчисти и таму ќе има игралишта, урбана опрема и зеленило.
-Мемов зборува за урбанизам, а не ги разбира основите. Општината реализира проекти според важечките ДУП-ови каде овој проект е предвиден и ќе се реализира. Во обид да се прикаже дека нешто откриле, Мемов и ЗНАМ демонстрираа врвно непознавање на процедурите и законите на локалната самоуправа.
Жално е што наместо да понуди конкретни решенија или проекти, Мемов се фати за прес-конференции полни со обвинувања и празни зборови, додека Центар се расчистува, уредува и се трансформира. Секој ден на терен работат екипи на општината и го чистат сметот кој дури не е надлежност на самата општина. Секој ден се гледаат резултатите и ова го боли ЗНАМ, истакнуваат од „Бихаќка“.
Според СДСМ, најлесно е да се напаѓа од страна а многу потешко е да се сработи.
-Герасимовски сработува, она што го ветил, тоа и го реализира, потенцираат од партијата на Венко Филипче.