Долгорочна визија или ниска јавна свест за заштита на животната средина: „Зелените теми се користат декларативно, а не како долгорочна визија“

Имаат ли кандидатите вистинска политичка волја за Скопје да стане одржлив и зелен град?

од Бисера Трајковска
44 прегледи

Иако кандидатите за градоначалници во изборната кампања ги користат зелените мерки како начин за придобивање на гласачите, се поставува прашањето дали сето ова ќе остане само на зборови, или очекувате вистинска промена по изборите? 

Од Здружението на инженери за животна средина се на ставот дека  нема ништо иновативно кај партиите во однос со ветувањата поврзани со животната средина бидејќи се работи за наталожни проблеми кои се резултат на децениско недомаќинско управување со животната средина на локално и национално ниво, а слушаме само ветувања дека проблемите во животната средина ќе исчезнат доколку граѓаните гласаат за еден или друг кандидат. 

Тие за „Локално“ потенцираат дека испратиле јавен апел до граѓаните во пресрет на локалните избори со барање дека „Животната средина не смее да биде заложник на дезинформации”.

-Изборната кампања е во полн ек и секојдневно слушаме секакви ветувања поврзани со животната средина од сите кандидати за граноначалници и советници. Во пресрет на локалните избори, сведоци сме на зголемен број изјави, ветувања и информации кои се однесуваат на животната средина и квалитетот на живеење во нашите општини. За жал, дел од нив се базирани на политички интереси, бизнис интереси и дезинформации, а не на реални решенија и стручни анализи, велат од Здружението.

Како што потенцираат, овие појави создаваат недоверба, страв и несигурност кај јавноста, и често го одвлекуваат вниманието од вистинските предизвици и решенија, притоа спречувајќи го зелениот развој.

-Здружението на инженери за животна средина упати јасна порака дека животната средина не смее да биде поле за политички игри и дезинформации. Нашата иднина и иднината на идните генерации зависи од стручни, научно засновани и одговорни одлуки. Животната средина е прашање кое се однесува на сите нас, без разлика на политичка определба, велат од Здружението.

Тие испраќаат јавен апел до сите кандидати за градоначалници и носители на јавни функции да не ја користат животната средина за политички поени, туку да се водат од стручни анализи, европските зелени политики и вистинските потреби на граѓаните, а апелот до граѓаните е да бараат конкретни, мерливи и одговорни еколошки решенија во програмите на кандидатите, а не празни ветувања. 

-Дополнително апелиравме до сите граѓани, да ги разгледаат и проценат програмите и изјавите на кандидатите преку призма на стручност, одговорност и усогласеност со европските зелени политики, потенцираат од Здружението.

Како што појаснуваат, се додека управувањето на процесите во животната средина на локално и национално ниво се поврзани со политички поврзани менаџери кои не ја разбираат проблематиката на управување со отпад, рециклирање, хигина, ризици од поплави, деградација на животната средина и одржливо управување со природните ресурси, ќе имаме недомаќинско работење затоа што никогаш најголемите проблеми во животната средина нема да станат приоритет. 

Од Здружението потенцираат дека потребата за професионалност во работењето и управувањето на овие процеси во живонтата средина е повеќе од важно затоа што тоа директно влијае на здравјето, туризмот, земјоделието и благосостојбата на населението.

-Нас, на инжинерите за животна средина навистина ни пречи што во екот на кампањата за локални избори, сите политичари, кандидати и симпатизери па дури и новинари станаа експерти за животна средина, велат од Здружението.

Тие појаснуваат дека по изборите не очекуваат никаква промена во управувањето со животната средина, освен во делот на собирање на отпад, кое во изминативе 6-12 месеци е на најниско ниво. 

-Ова делумно е причина на политички игри и несогласувања, но и на фактот што на национално ниво сеуште не е реализиран проектот за регионални депонии и соодветно собирање и третман на отпадот, додаваат од Здружението.

Фото: принтскрин / веб страница на Здружението на инженери

Одржливото управување со природните ресурси и намалување на деградацијата на земјиштетото очекуваат повторно да остане на ниско ниво поради неколку фактори и тоа – недоволна политичка волја, ограничени финансиски ресурси, недостиг на технички капацитети, стручни кадри и инспекциски служби, недоволна јавна свест и учество, краткорочен пристап во управувањето, како и бизнис интереси за енергетски проекти врз плодно земјоделско земјиште и трајно запечатување на земјоделското земјиште и плодни површини.

-И покрај тоа што темата за одржливо управување со природните ресурси и спречување на деградацијата на земјиштето е клучна за иднината на локалните заедници, таа и по овие избори најверојатно ќе остане на маргините на локалните политики. Недостатокот на политичка волја, ограничените финансиски и технички ресурси, како и ниската јавна свест создаваат амбиент во кој земјиштето продолжува да се користи нерационално и без долгорочна визија, појаснуваат од Здружението.

Како што велат, доколку локалните власти навистина сакаат одржлив развој, потребно е ова прашање да стане дел од нивните стратешки приоритети, а не само тема за декларативна поддршка. 

-Иако формално постојат партии кои се декларираат како „зелени“, во пракса нивното влијание врз политиките во Скопје е речиси незабележливо. Во изминатите години не видовме јасна, конзистентна зелена агенда – ниту во урбанистичкото планирање, ниту во управувањето со отпад, јавниот транспорт или квалитетот на воздухот, појаснуваат од Здружението.

Според нив, проблемот е што „зелените теми“ кај нас најчесто се користат декларативно – како дел од кампањи, а не како долгорочна визија и политика заснована на податоци, стручност и учество на граѓаните. 

-Сè додека нема вистинска политичка волја и конкретни мерки, тешко дека Скопје ќе стане одржлив и зелен град каков што заслужува да биде, потенцираат од Здружението.

Оттаму велат дека буџетот за животна средина горе доле е ист. Проблемот е во тоа што недомаќински се троши,  тековните приоритети во живонтата средина се рашаваат делумно и се префрлаат за следната година, но не и буџетот и обврските. 

-Кога недомаќински управуваме со живонтата средина и ги таложиме проблемите а обврските ги криеме под тепих, никогаш нема да имаме доволно средства за одржливо управуање со животната средина, појаснуваат од Здружението.

Тие се на ставот дека новиот градоначалник на Скопје треба веднаш да се зафати со решавање на најгорливите проблеми што директно го засегаат секојдневието на граѓаните – загадувањето (воздух и комунална хигиена), одржливиот транспорт, нередот во урбанизмот и недостигот на зелени површини. 

-Итно е потребна ревизија на урбанистичките планови, запирање на узурпацијата на јавниот простор и заштита на преостанатите зелени зони. Паралелно, мора да се воведе системско управување со отпадот и јавниот транспорт, бидејќи токму тие две области најмногу влијаат на загадувањето и квалитетот на живот. Многу важно е да напоменам дека и населението игра клучна улога во управувањето со животната средина, бидејќи некако лежерно граѓаните се навикнаа на нехигиена и секаков отпад завршува на несоодветни места, велат од Здружението.

Потенцираат дека најважна ќе биде едукацијата на населението и подршката на локалната самоуправа во соодветното депонирање на секој отпад и големи казни за оние кои не ги почитуваат пзоитивните законски прописи за живонтата средина.

Лилјана Поповска од Зелен институт за „Локално“ појаснува дека зелените политики се во мода и секој сака да облече нешто зелено, но нема зелена свест под сечија зелена облека.

Како што посочува, треба да се цени кој што направил и покажал досега, за да не бидеме измамени. 

о кампањата слушнавме доста издржани предлози за позеленување на локалните политики, зашто кандидатите знаат дека се повеќе граѓани бараат зелени политики, за поздрав и поквалитетен живот. Како екологисти, загрижени сме дали сегашнава зелена симфонија за уши ќе се претвори во зелена стварност, или повторно ќе нагази бизнисот, ситни лични и крупни партиски интереси, додава Поповска. 

Таа е на ставот дека на Скопје му треба сериозна еколошка преобразба во урбанизмот, транспортот, управувањето со отпад, контролата на загадувачите на воздухот, водите и почвата, посебно индустриските. 

Лилјана Поповска од Зелен институт / Фото: Принтскрин, јутјуб

-А за сево ова треба да се изберат луѓе со знаење, искуство и интегритет. Има такви кандидати, треба да ги препознаеме. За состојбите во еден град одговорноста лежи пред се на градоначалникот и големите играчи кои го имаат мнозинството. А зелена партија или независна граѓанска листа со еден или двајца советници може да дава одлични предлози и иницијативи, да поведе кампања за позитивни промени, но не може сама да изгласа предлог, додаде Поповска.

Како што посочува, за суштинско влијание врз зелените политики потребна е критична маса зелени советници, која досега не постоела. 

-Но предноста на зелените советници е во нивната борбеност и посветеност на зелените политики и транспарентноста. Борејќи се за отворени седници, ги добиваат граѓаните за свои сојузници, потенцира Поповска.

Таа е на ставот дека буџетот е огледало на еколошката свест на секоја власт. 

-Тој е ситен, преситен, за сите потребни вложувања во животната средина. За воља на вистината, треба да се каже дека низ годините расте, но со брзина на полжав. Има и вложувања во други сектори, кои се однесуваат директно или индиректно на животната средина, но дефинитивно, далеку од доволно. Најилустративен е хроничниот недостиг на буџет за инспектори за животна средина, кои треба да се гаранти за нашиот здрав и безбеден живот, појаснува Поповска.

Според Поповска, потребно е одржливо управување со отпадот, јавен транспорт и зелена урбана мобилност, нов ГУП по мерка на луѓето, зачувување на постојното зеленило и масовно засадување ново, од размери како некогаш зазеленувањето на голиот рид Водно. 

-Неопходна е отворена соработка со сите избрани советници, стручни луѓе и граѓанскиот сектор, кој има што да каже на зелениве теми. Позитивен пристап, без навреди и  надитрувања, за да се одработи сериозно и искрено за градот што го сакаме. Како Зелен институт, нудиме спремни измени на Законот за урбано зеленило, за да нема негово изигрување, со зајакнати критериуми за заштита на зеленилото и задолжителен процент на градежна парцела и на растојанија од домот и работата, додаде Поповска.

Како што инфрмира, овие измени беа изготвени во соработка со експерти и граѓански активисти пред две години и поддржани од сите институции, вклучително и од собраниската Зелена парламентарна група.

Б.Т.