М-НАВ: Судот го забрани најавениот штрајк на контролорите на летање

„Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови , како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос“, велат од М-НАВ

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: SKP airports

М-НАВ АД Скопје ја информира јавноста дека основниот граѓански суд Скопје на 16.10.2025 година донесе решение со кое се УСВОЈУВА предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка – ЗАБРАНА на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје.

Со оваа Одлука, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови , како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос.

-М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Според најавата за штрајк на контролорите, не требаше да има полетувања и слетувања на Скопскиот и на Охридскиот аеродром од 10 до 15 часот на 20 октомври. Предвидуваа да се работи само со еден сектор со максимален број на 30 авиони што ќе ја прелетуваат Македонија, односно со намален капацитет за околу 50 посто од постоечката побарувачка и тоа ќе се повторува секој следен понеделник во исто време.

Контролорите бараат запирање на партиските вработувања во М-НАВ, одобрување од Министерството за финансии за објавување на огласи за нови вработувања – пред сè за контролори на летање и инженери и распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.