Османи: Ќе ја урнеме најантиалбанската и најантиевропската влада што сме ја имале

„Анкетите во градот Скопје покажуваат дека соодносот е 8 спрема 2, нема шанси да има влада без Националната Алијанса за Интеграции. Тоа го кажувам од најверодостојни извори", изјави Османи

од Nikola Popovski
92 прегледи

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во интервју за „ТВ Шења“ изјави дека на 19 октомври ќе се случи политика и институционална промена, бидејќи, како што рече, граѓаните се подготвени да ја ослободат општината по 20 години заробеност.

„Анкетите во градот Скопје покажуваат дека соодносот е 8 спрема 2, нема шанси да има влада без Националната Алијанса за Интеграции. Тоа го кажувам од најверодостојни извори”, изјави Османи.

Тој нагласи дека само едно излегување на гласање ќе донесе три големи победи.

„Прво, ќе го ослободиме Чаир по 20 години заробеност, второ, ќе ја урнеме најантиалбанската и најантиевропската влада што сме ја имале и трето, ќе го срушиме концептот што сака да нè сведе на безначајно малцинство”, рече Османи.

Тој додаде дека неговата визија е да ја врати општината на граѓаните и да стави крај на расипничкото трошење на јавните пари.

„Парите што денес се трошат за партиски активисти, тоа се 350.000 евра месечно, ќе се претворат во проекти за граѓаните”, истакна Османи.