Мицкоски: Никој нема право да очекува дека оваа влада безусловно ќе ги направи уставните измени

„И ако ЕУ навистина сака да ја види Македонија во свое друштво, барем малку од она што го прави за некои други земји, ќе го направи и за нас“, порача Мицкоски

од Nikola Popovski
67 прегледи Фото: Фејсбук

Никој нема право да очекува дека оваа влада безусловно ќе направи измени во уставот на земјата, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски. Според него, разговорот со претседателката на ЕК, Урсула фон ден Лајен, која завчера беше во Македонија во рамките на нејзината балканска турнеја, бил пријателски, а темите што ги разговарале биле многубројни.

Тој во емисијата „Само интервју“ истакна дека „никој не живее под илузии“ и добро знае дека промените на уставот – вклучувањето на Бугарите во Преамбулата, се услов за отворање на преговарачките кластери, но додека е премиер, „уставните промени нема да се случат без јасно исполнување на обврските на источниот сосед, како и конкретни гаранции од Европската Унија“.

„Никој нема право, ниту е фер да очекува дека оваа влада безусловно ќе го стори ова, ниту пак Владата има намера да го стори тоа додека јас сум премиер. Ова мора да биде јасно, го кажав многу пати, бараме доследно почитување на меѓународното право, а и нашиот источен сосед има обврски. Сакаме и гаранции. И ако ЕУ навистина сака да ја види Македонија во свое друштво, барем малку од она што го прави за некои други земји, ќе го направи и за нас. И ова е јасен став“, рече Мицкоски, кој објасни дека „во интерес на процесите што следат“ не сака да зборува за деталите.

По неговата неколкучасовна посета завчера во Скопје, каде што се сретна со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши и премиерот, по која немаше прес-конференција, претседателката на ЕК напиша на платформата „Х“ дека ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, и „следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен“.

„Мора да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Урсула фон дер Лајен.