Истражување на осум организации од регионот: Ако ги земеме трендовите во последните пет години во Македонија, ќе ни требаат 56 години за да го стигнеме стандардот и условите за живеење во ЕУ

-Главната порака е дека треба да си ја завршиме задачата дома. Слевањето кон европските трендови не значи само завршена работа однадвор туку спроведување и на клучни реформи кои што ќе даваат резултати во секојдневното живеење, порачува извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Локално

Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски денеска го презентираше Извештајот на конзорциумот на 8 организации од целиот регион кој што се фокусира на приближувањето на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ. Според Митевски, податоците и Извештајот покажуваат дека доколку ги земеме трендовите во изминатите пет години и ги видиме таргетите како просек на настандардот за живот и услови за живеење во ЕУ, ќе ни бидат потребни 56 години за да го постигнеме тој просек.

-Навидум оваа бројка звучи дека е песимистичка и долга, но постојан многу фактори кои можат да го забрзаат тој процес. Во рамките на истражувањето, направени се сценарија кои ни кажуваат дали овој период ќе се намали доколку имаме полноправно членство во ЕУ и пристап до заедничкиот европски пазар, истакна Митевски.

Според него, сите овие сценарија, особено во клучните делови економија, социјални политики и дигитализација, ни даваат јасна слика дека состојбите ќе се поместат односно периодот ќе се преполови доколку имаме полноправно членство или пристап до европските фондови.

-Главната порака е дека треба да си ја завршиме задачата дома. Слевањето кон европските трендови не значи само завршена работа однадвор туку спроведување и на клучни реформи кои што ќе даваат резултати во секојдневното живеење, порачува извршниот директор на ЗМАИ.

Според него, треба да се фокусираме на зголемувањето на продуктивноста во економијата за да можеме природно да создадеме услови за раст на платите.

-Платите се тие кои ја движат економијата и очекувањата на граѓаните. Инвестирање во дигитализација и инфраструктура за да поврзување со соседите и јакнење на националната инфраструктура. Доколку ги спроведеме овие реформи, патот кон постигнување на резултатите на ЕУ ќе се намали, оценува Митевски.

Слични содржини