ЗНАМ се задоволни со освоени речиси 40 илјади гласови: „Изборите ја потврдија стабилизацијата на нашето гласачко тело“

-Истакнуваме дека за првпат освоивме советнички места во повеќе од 50 општини низ Македонија, како и во Градот Скопје. Тоа е доказ дека ЗНАМ станува релевантна политичка сила која носи вистински промени и влијание на локално ниво, вели Мемов

од Nikola Popovski
21 прегледи

„Дозволете ми да изразам големо задоволство од резултатите на локалните избори, кои ги освои Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, со освоени речиси 40.000 гласови. Воедно сакаме да се заблагодариме на сите граѓани, членови, симпатизери и подржувачи на ЗНАМ, кои го искористија своето право на глас и ја потврдија довербата во нашето делување“, изјави денеска портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

Според него, овие избори ја потврдија стабилизацијата на нивното гласачко тело во однос на минатите парламентарни избори и покажале дека владините политики кои ги водиме се во вистинска насока.

-Јасно е дека граѓаните го препознаваат нашето чесно и одговорно делување. Нашиот концепт на чесна, директна и народна политика наидува на сè поголема поддршка низ целата држава – и тоа е клучната порака од овие локални избори. Истакнуваме дека за прв пат освоивме советнички места во повеќе од 50 општини низ Македонија, како и во Градот Скопје. Тоа е доказ дека ЗНАМ станува релевантна политичка сила која носи вистински промени и влијание на локално ниво, вели Мемов.

Портпаролот истакнува и дека во Куманово имаат убедливо водство во првиот круг, каде што нивниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски остварил предност од над 11.000 гласа. Мемов забележува дека кандидатот на СДСМ не успеа ниту да се пласира во вториот круг, што јасно ја покажува реалната поддршка на граѓаните за ЗНАМ и разликата меѓу политиките и празните ветувања на СДСМ.

-Едновремено, се гледа агонијата на СДСМ и на државно ниво, со освоени само околу 120.000 гласови е јасен сигнал дека граѓаните ја изгубија довербата во нивните политики.

Во општина Центар влегуваме во вториот круг, ја продолжуваме борбата за промена и крај на владеењето на старите политички структури.
Убедени сме дека Мирослав Лабудовиќ ќе победи во Центар, носејќи обнова, транспарентност и правда.

Овие избори покажаа дека значителен број гласови добија и независните кандидати, што е позитивен сигнал за демократијата и поголемо учество на граѓанските иницијативи во локалните самоуправи.

ЗНАМ продолжува понатаму – обединети, со нова енергија, јасна визија и конкретни решенија за промени, рече Мемов на прес-конференцијата.