ВЛЕН: Tаравари отиде по шест општини, но заврши со нула

„Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси“ - му порачаа од ВЛЕН на Таравари

од Nikola Popovski
28 прегледи

„Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси“, велат утрово од ВЛЕН како реакција на изборниот резултат во неделата.

Ова е, пред сè, додаваат од ВЛЕН, порака до нивниот поранешен коалициски партнер Арбен Таравари, а потоа и до Исен Шабани, кои, како што велат од коалицијата, помислија дека Албанците ќе ги следат во нивните политички игри, менувајќи ги принципите како ситни пари.

-Иако се обидуваат да најдат оправдувања, суверенот со овој потег им удри силна шлаканица на политиките на менување принципи за ситни лични интереси. Таравари отиде по шест општини, остана со четири и заврши со нула, порачуваат од ВЛЕН.

Според податоците на ДИК, коалицијата ВЛЕН има веќе добиено или ќе влезе во вториот круг во битката за градоначалник во девет општини, а коалицијата околу ДУИ, Национална алијанса за интеграција (НАИ), во пет.

На советничките листи во Чаир ВЛЕН освои 13.477, а ДУИ 10.356 гласови. А иста беше разликата – во десетина процентни поени – и меѓу Изет Меџити и Бујар Османи.

ДУИ освои помалку гласови од ВЛЕН и во Скопје – во битката за градоначалник и за Советот на главниот град. Разликата е мала, но сепак е во корист на ВЛЕН. Нивниот кандидат, Башким Бакиу, беше трет, пред Каја Шукова од СДСМ, а Скендер Реџепи од НАИ петти.

На советничките листи ДУИ загуби и во Тетово со 2.000 гласа разлика, а таму за вториот круг води актуелниот градоначалник Билал Касами.