Фетаи побара оставки од Ахмети и Таравари по изборите

„Најголем губитник на овие избори е несомнено Али Ахмети, кој ја заврши својата политичка кариера и со малку машкост треба да поднесе оставка“, рекол Фетаи

од Nikola Popovski
25 прегледи

Вицепремиерот за добро владеење од редовите на ВЛЕН и член на едно од трите крила на Алијансата за Албанците, Арбен Фетаи го смета лидерот на ДУИ, Али Ахмети за главен губитник на последните локални избори, велејќи дека Ахмети треба да поднесе оставка.

„Најголем губитник на овие избори е несомнено Али Ахмети, кој ја заврши својата политичка кариера и со малку машкост треба да поднесе оставка“, рекол Фетаи.

Тој го повикал Ахмети да го прекине молкот и да се врати од Тирана, каде што се одржа протест во поддршка на поранешните лидери на таканаречената ОВК.

„Му реков дека подобро да не се враќа, бидејќи ќе ги изгуби и тоа се случи“, додал Фетаи.

Членот на АА го споменал и поразот на неговиот поранешен партиски колега Артан Таравари, велејќи дека од четирите општини каде што се кандидирал, не добил ниту една.

„Оној што побара 6 општини од Али Ахмети нема ниту една и им должи на активистите на Алијансата да признае дека сум бил во право и да поднесе оставка“, истакнал Фетаи во изјава за медиумите на албански јазик во земјава.