Жерновски: ВМРО-ДПМНЕ изгуби 140.000 гласови што е најбрзиот пад на било која владеачка партија во македонската историја

Споредбените анализи со изборните резултати од минатата година, тврди членот на СДСМ, покажуваат дека ВМРО–ДПМНЕ и ЗНАМ имаат изгубено по речиси една третина од гласовите

од Nikola Popovski
172 прегледи

Членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски потсетува дека веќе објавил како најголемата владеачка политичка партија ќе има пад на гласовите во однос на ланските парламентарни избори.

-Кога ги објавив овие бројки во првата половина на август, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како и нивните медиуми, очајнички се обидуваа да демантираат, тврдејќи дека изнесувам невистини во јавноста. Но, вчерашното гласање ги демантираше оние што демантираа. ВМРО-ДПМНЕ загуби 140.000 гласа, а разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ e значително намалена, објави Жерновски.

Споредбените анализи со изборните резултати од минатата година, тврди членот на СДСМ, покажуваат дека ВМРО–ДПМНЕ и ЗНАМ имаат изгубено по речиси една третина од гласовите. Според Жерновски, тоа е најголемиот и најбрзиот пад на било која владејачка партија во историјата на македонскиот политички плурализам.

-Трендот е тој и во наредниот период ќе продолжи со исто темпо. Се разбира, ние треба да си погледнеме во својот двор за да видиме како да се вратиме на старите патеки. Во тој смисол, Скопје е најголемиот предизвик. На сите победници им го честитам успехот и им посакувам плоден мандат, потенцира Жерновски.

Ден по изборите СДСМ тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги изгубиле гласовите односно дека имаат 30 процентен пад на гласачи. За себе велат СДСМ има изгубено само 18% од гласовите што, ако се земе предвид пониската излезеност речиси да нема загуба.

-Апелирам до граѓаните да излезат масовно на гласање во вториот круг. Важно е избраните градоначалници да имаат легитимитет од што поголем број на граѓани, рече пред два дена лидерот на СДСМ, Венко Филипче.