Околу слабата неизлезност на изборите и големиот број на неважечки ливчиња, политичкиот аналитичар, Александар Илиев вели не треба да се заборави дека по дефиниција целта на партиите е да ја освојат власта, а партии со големо членство немаат интерес од голема излезност на партиски неопределени гласачи.
-Истражувања во демократските земји покажуваат дека обично после избори вербата во демократскиот процес ја губат гласачи чија политичка опција не победила или гласачи кои би поддржале партија која нема реални шанси да биде победник. Затоа, мала излезност одговара на големите партии и партиите кои се на власт. Од друга страна опозиционите и помалите партии не покажаа способност за реформа и иновативност за да доживеат значаен раст на овие избори. Исклучок во одредени општии е Левица која во општини како Велес и Град Скопје доживеа успех и доби поголема поддршка дури и од СДСМ. Меѓутоа Левица има идеолошки поглед и геополитичка насоченост која не дозволува нејзино коалицирање со про-западни партии. Оваа расцепканост во опозицијата и немање харизматичен лидер кој би ја обединил повеќето опозициски партии ги обесхрабрува гласачите кои се опозициски расположени. Оттука оваа порака е поважно да биде сфатена од опозицијата, а не од власта, истакнува меѓу другото, Илиев во анализа за „Локално“.