Можни политички-кадровски промени во раководството на СДСМ најави лидерот на партијата Венко Филипче, по непосакуваниот резултат кој го реализираа во првиот круг од локалните избори. Дали ќе успее партијата да „се врати на нозе“ или успехот ќе остане далеку и недостижна цел, а ќе продолжи одлив на членството?
Поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ за „Локално“ вели дека многу шокови во СДСМ од минатото не се санирани и сега тоа се пресликува на сите нивоа.
-Очигледно не се реформираше и реорганизираше партијата во изминатиот период. Не се санирани многу шокови од минатото и за жал тоа се пресликува на сите нивоа надоле. Членовите, симпатизерите не ја препознаваат идеологијата на СДСМ а голем дел од старите и искусни кадри се надвор од партијата, посочува Богдановиќ.
Тој смета дека треба да се тргнат луѓето кои не биле дел од СДСМ и од кои партијата не може да просперира, а да се повикаат основачите на партијата.
-Мора да се решат идеолошките разлики за кои претседателот Бранко Црвенковски го замрзна своето членство и да се повика заедно со Никола Поповски, Јани Макрадули, Игор Ивановски и други за да ја стават партијата во колосек. Од партијата треба да си заминат многу луѓе кои ги истиснаа социјалдемократите а никогаш не биле во СДСМ, туку преку ноќ станаа дел од партијата. Исто така, треба да се повикаат и Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Зоран Јовановски и Софија Куновска кои секогаш биле со СДСМ кога било најтешко. Има и многу други кои во минатото си заминаа од партијата и гледаат што за жал се случува со партијата во која се вградиле себеси, додава Богдановиќ.
Во однос на најавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за политички-кадровски промени во раководството на партијата, Богдановиќ вели дека и претседателот на партијата и раководството треба да ја покажат својата одговорност пред членството.
Тој е на ставот дека по завршување на изборите ќе има многу оставки од членовите на партијата.
-Веќе јавно почнуваат видни функционери и членови да реагираат и да бараат одговорност. Некои поднесуваат оставки, а некои чекаат да заврши и вториот круг за да не направат штета за време на изборите. Оставки ќе има и после вториот круг и за жал многу млади социјалдемократи ќе бидат изгорени, додава Богдановиќ.
Тој смета дека треба да се се поднесе одговорност за штетите направени во минатото за Куманово, Струмица и Центар. Вели дека во овие општини и сега и во минатото се донеле непромислени одлуки, со што биле изиграни долгогодишни функционери, и со тоа се јавило незадоволство кај гласачите и членовите на партијата.
На пример, како што вели, во Куманово СДСМ е четврта партија на овие локални избори.
Богдановиќ смета дека со овие резултати, тешко дека партијата ќе успее да го врати успехот од претходно.

Фото: Фејсбук/СДСМ
А по најавата за одговорност, потенцира Богдановиќ, јавно ќе се создаде уште повеќе лоша ситуација и состојба каде дополнително ќе се создаде лоша слика и пред граѓаните и гласачите.
Прашан дали е можно да продолжи трендот на одлив на членството на СДСМ во ЗНАМ, Богдановиќ посочи дека во наредниот период ЗНАМ ќе имаат простор да ја зајакнат својата партиска структура, но и да придобијат квалитетни кадри кои повеќе не се гледаат себеси во СДСМ.
Во однос на тоа дали борбата на некогаш најголемата македонска партија сега треба да се фокусира на борба со Левица, знаејќи дека Левица станува втора партија, Богдановиќ напомена дека ќе биде така, доколку не се направат големи кадровски промени и не се започне се од почеток во партијата.
Тој смета дека младите кои се нова енергија нема да препознаваат припадност во СДСМ, а повозрасните и искусни кадри ќе се одалечуваат.
На прашање колку години ќе му треба на СДСМ за да го оствари резултатот од периодот 2016/2017 година, Богдановиќ рече дека за тоа ќе биде потребно време, но пред се треба да има нов и сигурен почеток со нова енергија и со искуство од препознатливи борци.
-Само нова енергија и враќање на искусните борци е добар почеток, да за неколку години СДСМ прерасне во бренд којшто порано бил лидер на политичката сцена, рече Богдановиќ.
Тој е на ставот дека најголем пример за непрепознатливост е во Општина Центар, каде се напуштиле многу позитивни пракси со кои СДСМ освојуваше симпатии кај гласачите.
-Едноставно општината освен што работи со урбанизмот, ништо друго капитално и во интерес на граѓаните не направи. Сите проекти се од претходно, а нови нема. Исто така, членовите и гласачите се лути и бесни затоа што раководството на СДСМ Центар предводено од Горан Герасимовски го пушти СДСМ низ вода, а тоа се гледа по резултатот за листата за град Скопје каде имаше смешни 4000 гласа и бројот на гласови за Каја Шукова која во Центар имаше околу 5000 гласа со што покажува дека Горан Герасимовски полека се отргнува од СДСМ за кое многу членови и функционери укажуваа, вели Богдановиќ.
Токму со ова, смета тој, уште повеќе се продлабочува поделбата во партијата.
Б.Т.