Нови лажни дојави за бомби, нарачателите остануваат неоткриени: „Истото како и за хибридните напади што беа најавени од државниот врв пред одреден период– каде е сега таа војна?“

Повторно лажни дојави за бомби, Пивоваров за „Локално“: Тајмингот е специфичен – предизборие втор круг и не гледам друга причина која би била позади целта на вакво објавување

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв

Повторно дојави за бомби во Скопје и Куманово. Во вчерашните доцни попладневни часови на мејл-адресите на основните училишта пристигнала заканувачка порака. Во Куманово анонимна порака за поставени експлозивни направи пристигнала до сите основни училишта во централното подрачје и руралните средини. Учениците и вработените по алармот за тревога, додека траел петтиот час, веднаш безбедно биле евакуирани. Лажни се сите пријави за поставени експлозивни направи во училишта во Скопје и во Куманово, соопшти МВР по извршените проверки.

Намерно одбран тајминг

Ваквите моменти не потсетија на периодот пред три години кога за првпат во Македонија беа испратени. Кој стои позади нив? За дел од познавачите на состојбите, симптоматично е што овие дојави за бомби се случуваат во повеќе училишта, а не е едно. Според Владимир Пивоваров, поранешен универзитетски професор по безбедност  и екс-шеф на македонското разузнавање, имаме нарачател, меѓутоа прашањето е на истражните органи да утврдат кој е тој.

-Имаме две претпоставки – првата е дека опозицијата сака да предизвика неспособност на институции и втората дека самите институции го креираат ваквиот наратив за да покажат дека имаме закана, а потоа ќе речат ние ќе ве браниме од таа закана. Истото го кажав и за хибридната војна што беше најавена од државниот врв пред некое време – каде е сега таа војна? Имаме ли кривични пријави или не? Измислуваме вирален непријател од кој само ние можеме да ве браниме… Тоа е претпоставката и кога водите истрага мора да ги имате сите претпоставки. Тајмингот е специфичен – предизборие втор круг и не гледам друга причина која би била позади целта на вакво објавување. Која е целта, прашува Пивоваров во разговор за „Локално“.

Фото: Фејсбук профил на Владимир Пивоваров

Според него, ако се работи за едно училиште или еден ученик кој е незадоволен од некои нешта, во таква ситуација не би предизвикал дојави во повеќе училишта.

-Логиката е таа претпоставка да ја отфрлиме како неверојатна. Сепак тезата за тајмингот ја поврзувам со изборите, исто како што беше пред три години кога Урсула Фон дер Лајен за првпат дојде во Скопје, тој ден масовно се појавија напади за наводни бомби во училиштата, потсетува Пивоваров.

Запрашан дали очекува овие пријави и дојави да потраат и како да се подготви населението со оглед дека пред три години голем дел од државата беше речиси под стрес, соговорникот порачува дека граѓаните во првите моменти во тоа време беа под стрес, но, потоа сфатија дека се работи за некоја политичка игранка бидејќи никогаш не се докажа каде, како, зошто и кој е нарачател.

-Тоа е главниот проблем кај нас затоа што никогаш не доаѓаме до конкретната цел да ѝ објасниме на јавноста што се случило. Оттаму граѓаните повеќе не ги сфаќаа сериозно таквите дојави – како ништо да не се случило. Може да се очекуваат нови дојави во дадени временски ситуации, како тогаш со доаѓањето на шефицата на Европската комисија, како сега со предизборие уште 2-3 денови и можност за пропагирање на партиите. Тајминзите се поврзуваат со нешто, а нарачателите, додека не се докажат, не можеме да потврдиме. Можеме да имаме само логички претпоставки кои не водат кон некое конкретно решение, заклучува Пивоваров.

Ова не е прв пат да има лажни дојави во училиштата во земјава. Во февруари годинава полицијата евидентираше над 240 дојави за поставени бомби во училиштата низ земјава и за сите беше утврдено дека се лажни. Тогаш била побарана и помош од Интерпол, Европол, како и од Хрватска и Унгарија каде минатите недели имало такви закани. Се велеше дека траги, информации и сознанија, а причината допрва ќе се утврдува, но не беше откриено.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во февруари годинава изјави дека се хибридни закани пораките по електронски пат што во ги добија училиштата со предупредувања за поставени експлозивни направи

-Разликата од претходно е што веднаш, уште утрото, се слушнавме со министерката (за образование), организиравме со министерот за внатрешни работи една ад хок работна група која ги разгледа проблемите со кои се соочува системот, развивме неколку методологии коишто треба да се следат во наредниот период за превентива на подолг рок, изјави тогаш Андоновски при посетата на ОУ „Димитар Македонски“

Во 2022 и 2023 година наставата во основните и средните училишта со месеци беше прекинувана и се одвиваше во отежнати околности поради лажни дојави за бомби. Лажни закани беа упатувани и за јавни објекти, трговски центри и аеродроми.

Македонија како членка на НАТО има обврска да ги подготви институциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, па за таа цел во 2021 година беше донесена Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани. Но, поради специфичноста и сложеноста на овој тип на закани, безбедносните структури треба координирано да реагираат со цел превенција на ваквите појави, децидни се експертите.

Слични содржини