Го претворија јавниот сектор во партиска филијала, институциите во неми сведоци, а народот во заложник, кажа Мицкоски за СДСМ

Минатата власт ја остави државата во пустош. Го расклопија системот парче по парче, како да бил нивни личен имот.

од Vladimir Zorba
25 прегледи Фото: Јутјуб/Влада на‎ Република Северна Македонија

Државава во изминатите година и пол е консолидирана по распадот и пустошот во која беше затекната при преземањето на власта. Во изминатите месеци се поставени темелите и почнува фазата на резултати што на граѓаните ќе им донесат подобар живот, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг во Скопје пред гласањето за вториот круг на локалните избори в недела.

Како што рече, „ни ја оставија во распад и потоната во сиромаштија“ и затоа било потребно „време, трпение и вера да ги помрднат работите и да почнат да ја исправаат земјата од колената на кои некои ја поставија“.

-Ни оставија институции што не работеа, економија што одеше надолу и која буквално се распаѓаше, сиромаштија која растеше, морал што беше во минус и не само финансиски, туку и идентитетски, долгови и договори, што ги плаќаме сите ние, граѓаните. Минатата власт ја остави државата во пустош. Го расклопија системот парче по парче, како да бил нивни личен имот. Го претворија јавниот сектор во партиска филијала, институциите во неми сведоци, а народот во заложник, кажа Мицкоски.

Во минатите денови од кампањата среќавал луѓе „со надежи и сомнежи, доверба и барање за одговорност“ и нивните пораки, рече, мора внимателно да се сфатат и со разбирање и благодарност да се прифатат.

– И јас сум свесен дека обврската која ја имаме и одговорноста која ја носиме е огромна. Затоа што при овие наши средби со граѓани и наши промоции на програми, секој стисок на рака е договор. Договор дека ќе работиме сериозно, посветено и вистински … Најтежок товар што можеш да го носиш е довербата на еден народ. И тоа секој политичар треба да го знае, дека народот гледа. Нашата задача не е едноставна. Не само заради ситуацијата која ја наследивме, туку таа е многу поголема. Нашата цел не е само политичка победа, туку обновување на вербата дека Македонија може и мора да биде подобра земја. И иако оди потешко од што мислевме, сепак основите ги поставивме. Не можевме веднаш да почнеме со екстремно позитивни резултати, моравме прво да направиме темели. Некои мислеа дека тоа ќе оди преку ноќ. Но, темел не се прави од муабет, туку од пот и многу поминати часови на средби, планирања, анализи, патувања, размена на мислења и одлуки. И токму затоа денес можам да кажам: темелот е поставен. Сега, по изборите, почнува фазата на жестока работа и големи резултати, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.