Принцот Ендру ќе ја изгуби титулата и ќе се исели од својата резиденција Ројал лоџ, објави Бакингемската палата.
“Принцот Ендру сега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор“, се вели во соопштението, како што објави Би-Би-Си.
Во соопштението од Бакингемската палата се вели:
„Неговото Височество (кралот Чарлс) денес започна формална постапка за одземање на титулите на Ендру и неговите почести. Неговиот закуп во Ројал лоџ му даде правна заштита да продолжи да живее таму. Сега му е доставена формална наредба за раскинување на закупот и ќе се пресели во друга приватна резиденција. Овие мерки се сметаат за неопходни, и покрај фактот дека тој продолжува да ги негира обвинувањата против него. Нивните Височества сакаат јасно да стават до знаење дека нивните мисли и најдлабоки сочувства биле и ќе останат со жртвите и преживеаните од сите форми на злоупотреба, се додава во соопштението на Бакингемската палата.
Според достапните информации, принцот Ендру ќе се пресели во една од резиденциите на приватниот имот Сандрингам во Норфолк.
Трошоците ќе ги сноси приватно кралот.
Ќерките на Ендру – принцезите Евгенија и Беатрис – ќе ги задржат своите титули, објави Би-Би-Си.
За потсетување, принцот Ендру беше еден од луѓето поврзани со Џефри Епштајн. Епштајн е осуден сексуален престапник кој со децении организирал мрежа на сексуална злоупотреба на малолетници, честопати во друштво на богати и моќни луѓе – вклучувајќи политичари, бизнисмени и познати личности.
Принцот Ендру е обвинет дека имал сексуални односи со една од жртвите на Епштајн кога таа била малолетничка. Ендру ги негираше обвинувањата, но во 2019 година беше повлечен од јавна функција, а во 2022 година постигна вонсудска спогодба со жената што го тужеше.