Поранешниот албански премиер Фатос Нано почина на 73 години

од Vladimir Zorba
17 прегледи

По долго боледување и сериозни здравствени проблеми, поранешниот албански премиер и поранешен лидер на Албанската социјалистичка партија (СП/ПС) Фатос Нано почина денес на 73-годишна возраст, објави АТА.

Фатос Нано пет пати беше премиер на Албанија и беше на чело на Социјалистичката партија во период од 14 години. Во 2023 година, албанскиот премиер Еди Рама му го додели на Нано Медалот со лента на Големата ѕвезда на јавно признание за неговиот исклучителен придонес во градењето на уставна и демократска држава, како и за реформите и модернизацијата на Социјалистичката партија. Нано е познат и како основач на модерната левица во Албанија, кој не го криеше минатото на партијата, туку ја управуваше и ја трансформираше кон европските вредности и демократските стандарди, забележа агенцијата.

„Збогум, претседателе“, напиша денес Рама, изразувајќи сочувство до семејството на Нано и споделувајќи фотографија од поранешниот албански премиер на својот профил на социјалните мрежи.

„Фатос Нано ќе биде запаметен како либерален и реформистички лидер. Сочувство до неговото семејство, како и до неговите бројни пријатели и добронамерници!“, напиша на социјалните мрежи албанскиот претседател Бајрам Бегај.

Сочувство изразија и многу други функционери и граѓани од земјата.