🎥Немили сцени и тензии во Прилеп: Навивач сакаше да влезе во соблекувалната на Шкендија Арачиново

Од клубот од Арачиново побараа реакција и казнување на авторите на националистички извици и напаѓачите

од Nikola Popovski
135 прегледи Фото: ФК Победа Прилеп

Шкендија Арачиново славеше со 1-0 против Победа во Прилеп во натпреварот од Втората македонска фудбалска лица, но по натпреварот се случи голем скандал. Навивач на Победа сакаше да се тепа со гостинските фудбалери, откако најпрво го скрши прозорецот од соблекувалната.

За среќа, интервенирале службени лица кои спречиле поголем хаос.

Од клубот од Арачиново побараа реакција и казнување на авторите на националистички извици и напаѓачите.

„Сцените што се видоа денес на стадионот во Прилеп воопшто не личат на фудбал и на спортски дух што овој спорт треба да го претставува. Она што се случи на трибините и околу теренот не се слики што треба да се гледаат на фудбалски натпревар. Расистичките навреди, провокациите и срамните однесувања не му помагаат на спортот – напротив, му штетат на имиџот на фудбалот, клубот и самото натпреварување. Како клуб, остро ги осудуваме овие срамни постапки што го нарушуваат достоинството и безбедноста на нашите играчи и навивачи. Бараме од Федерацијата да преземе соодветни мерки и да ги изрече заслужените казни за организаторите на овој натпревар, за вакви настани никогаш повеќе да не се повторат. Фудбалот е игра што обединува – не што разделува“, стои на официјалната страница на Шкендија.

Иако мечот помина без поголеми проблеми на теренот, велат од таборот од Прилеп, по неговото завршување настана инцидент предизвикан од провокација на дел од гостинската екипа.

-Според присутните сведоци, кон домашната публика беа фрлени шишиња од страна на играчи и членови на гостинскиот тим, што предизвика реакција од дел од прилепската публика.

Навивачите на Победа, испровоцирани од ваквиот потег, спонтано реагираа, но ситуацијата брзо беше ставена под контрола благодарение на брзата интервенција на обезбедувањето и присутните редари, како и полицијата, порачуваат од Победа.

Од клубот истакнуваат дека натпреварот бил организиран според сите пропишани стандарди и мерки за безбедност, и дека инцидентот настанал исклучиво како резултат на несоодветното однесување на гостинската екипа по завршувањето на мечот.

Во следните денови се очекува ставот од ФФМ и евентуални казни во однос на инцидентот.