Спречен терористички напад во Берлин: Кај Сириец пронајден експлозивен материјал

Полицијата пронашла материјал за изработка на експлозивна направа на три адреси на кои што бил пријавен

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Полицијата во Берлин уапси 22-годишен Сириец за планирање терористички напади во германската престолнина, објави канцеларијата на државниот обвинител во неделата.

Повикувајќи се на извори во безбедносните служби, весникот „Билд“ објавува дека 22-годишниот Абдала Р. планирал самоубиствен напад со експлозивна направа врз засега непознат објект во Берлин.

Тој дошол во Германија во 2023 година и побарал азил, кој му бил одбиен, но имал дозвола за престој.

Полицијата пронашла материјал за изработка на експлозивна направа на три адреси на кои што бил пријавен.

Медиумите објавуваат дека тој бил член на Исламската држава. Бил уапсен во саботата попладне во населбата Нојкелн во Берлин, каде што живеат голем број луѓе од арапско потекло.

Деновиве, во Германија повторно се разгоре дебатата за тоа дали мигрантите треба да се вратат во Сирија.

Министерот за внатрешни работи, Александар Добриндт, се залага за зголемени депортации во Сирија на криминалци и оние кои, поради граѓанската војна во Сирија, уживале таканаречена супсидијарна заштита. Канцеларот Фридрих Мерц го поддржува во ова.

Сепак, по неодамнешната посета на Сирија, министерот за надворешни работи, Јохан Вадефул, изјави дека поради уништувањето што го претрпе земјата, депортацијата е невозможна, што предизвика конфликт во владата.