Падна Дехари во Кичево и заврши времето на локални шерифи и итромани во Карпош – рече Мицкоски за победата на ВМРО ДПМНЕ

За Хаќим Рамадани, кандидатот на ВЛЕН во Брвеница, Мицкоски кажа дека „не заслужува ниту името да му го спомне“

од Nikola Popovski
44 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи голема победа во вториот круг од локалните избори. Претседателот на партијата и премиер, Христијан Мицкоски смета дека „народот повторно покажал дека Македонија е повторно твоја“. Според Мицкоски, „ова вечерва е победа на напатениот народ“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека ВМРО-ДПМНЕ издвојувал победа во Град Скопје, општините Карпош, Аеродром, Чучер Сандево, Валандово, Крушево, Дојран, Кичево…

Вели дека имало жилава борба со многу предизвици и „се одлучило во 5 до 12“ во општина Брвеница. За Хаќим Рамадани, противкандидатот од ВЛЕН во оваа ошштина, кажа дека „не заслужува ниту името да го спомне“.

За вториот круг во Кочани, кажа дека „победиле во нашето Кочани кое мора да го издигнат и поткрепат“. Речиси истото, Мицкоски го кажа и за победата во Кичево кое што го нарече „нашето Кичево“ и дека „падна Фатмир Дехари“ од ДУИ.

-Кичево е на кичевчани, додаде Мицкоски.

-Заврши времето на локални шерифи и итромани кои што градеа кариера преку малверзации и со децении се шалтаа од еден во друг ќош само за да политички преаживеат. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи на кандидатот од ГРОМ, Стевче Јакимовски.

Мицкоски оцени дека никој од партиите не ги чува гласовите во џеб. За ниската излезност во Чаир и Сарај, Мицкоски вели раководството на ВЛЕН чесно се заложило во изминатите две недели. Факт е дека гласачите на ВЛЕН не го поддржаа Орце Ѓорѓиевски и дека тоа е нивна одлука. Според премиерот, тоа нема да се одрази на соработката во владеачката коалиција.