Покажаа ли изборите дека жените се дискриминирани? „Партиите не ги позиционираат на листи каде што можат да победат“

Останува ли политиката машка професија? „Родовата еднаквост не се постигнува со квоти, туку со култура на почит и еднаква вредност“

од Бисера Трајковска
72 прегледи Фото: ChatGPT

Четири жени ја добија довербата на граѓаните на последни локални избори и беа избрани за градоначалнички. На овие избори од вкупно 309 кандидати за градоначалници, само 32 беа жени. 

Доверба од граѓаните добија кандидатките на Коалицијата „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“ – Бети Стаменкоска Трајкоска која ќе ја води општина Кисела Вода, Марија Нацева која ќе ја води Општина Неготино и Наталија Димитриева, која ќе ја води Општина Демир Капија.

Исто така, победа издвои и Соња Стаменкова, поддржана од СДСМ, која ќе ја води Општина Македонска Каменица.

Сепак, мажите не доминираат само кога станува збор за локални политики. Во владата само 15 проценти од министрите се жени (2024), а состојбата е малку подобра во Парламентот, благодарение на квотите од Изборниот законик, при што 42,5 проценти од пратениците се жени.

Се случува ли маргинизација на жените во Македонија, кога станува збор за реална политичка моќ и влијание?

Според градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, сеуште доминира впечатокот дека тоа се „машки професии“ и дека за такви функции треба „машка рака“.

-Тоа е последица на длабоко вкоренети стереотипи во нашето општество. Но верувам дека бројките ќе се менуваат тогаш кога повеќе жени ќе решат храбро да застанат напред и да покажат дека способноста, одговорноста и лидерството немаат пол, додава Стаменкова.

Стаменкова за „Локално“ појаснува дека жените во политиката сè уште се гледаат низ призма на предрасуди – дека се „помалку одлучни“, „помалку авторитетни“ или дека „не можат да издржат притисок“. 

Фото: Фејсбук/ Соња Стаменкова

-Тоа се застарени ставови кои мора да ги оставиме зад нас. Лично, не сум почувствувала дискриминација или нееднаков третман – напротив, подеднакво сум поддржана и од мажи и од жени. Но тоа не значи дека сите жени имаат исто искуство. Многу од нив навистина се соочуваат со потешкотии и со недоверба само затоа што се жени, додава Стаменкова.

Таа е на ставот дека промената мора да почне од воспитувањето и образованието. 

Како што посочува, треба уште од најрана возраст да ги учиме децата дека лидерството и одговорноста не се машки или женски квалитети, туку човечки вредности. 

-Институциите, пак, треба да создадат систем во кој жените ќе имаат реална можност и поддршка да учествуваат рамноправно во јавниот живот, појаснува Стаменкова.

Градоначалничката верува дека родовата еднаквост не се постигнува само со квоти – таа се гради со култура на почит и еднаква вредност. 

-За жените тоа е двојна борба: прво против стереотипите, а потоа и против внатрешната дилема дали вреди да се оди понатаму во систем кој не секогаш нуди еднакви услови. Но токму тие храбри чекори напред се клучни за промената. Зависи од нас, жените, да не се плашиме и да покажеме дека можеме подеднакво успешно да водиме, да одлучуваме и да создадеме подобро општество, појаснува Стаменкова.

Родовата експертка и развојна експертка преку Развојна Академија, Дороти Пачкова, за „Локално“ појаснува дека политичките партии честопати не ги позиционираат жените на листи каде што можат да победат.

-Да — бројката ја потврдува родовата нееднаквост. Од 309 кандидати, само 32 беа жени, а само четири станаа градоначалнички. Тоа не е случајност, а ние, родовите експертки го зборуваме ова со децении, и ова е системски резултат: политичките партии честопати не ги позиционираат жените на листи каде што можат да победат, жените имаат помал пристап до средства и мрежи, а воедно и невидливите грижни обврски и стереотипите ја намалуваат нивната можност да се ангажираат и да ја водат кампањата на ист начин како мажите, додава Пачкова.

Како што потенцира, за да се менува ова, требаат во исто време и интерсекторски: партиски, бизнис, институционални и културни мерки — не е доволно само еднодимензионално решение.

-Политиката не е машка професија — тоа е јавна служба за сите граѓани. Но ако жените се само симболично присутни, општеството губи половина од својата интелигенција, креативност и чувствителност. Не треба да ги убедуваме жените дека можат, тоа го знаеме секоја една, туку да го рекреираме системот дека мора да создаде простор каде нивниот/нашиот глас е подеднакво важен, појаснува таа.

Според Пачкова, сè додека само четири градоначалнички ги претставуваат сите жени во државата, имаме обврска — не само право — да ја менуваме структурата на моќ.

Таа потенцира дека жените во политика вообичаено се соочуваат со два вида притисоци: видливи (медиумски прашања за изглед и семејство, недоволна структурна поддршка) и невидливи (стереотипи за компентност и од друга страна насочено време и труд во обврски околу грижата за потомство, дом и возрасни лица). 

Фото: Лична архива/Дороти Пачкова

-Овие неизбежни чинители работат заедно и многу ефективно ги обесхрабруваат жените — не само да се кандидираат, туку и да истрајат во политиката, во јавното дејствување, во општествениот живот и конструирање на социјалниот контекст и милје на целата нација, појаснува Пачкова.

Таа е на ставот дека политиката се менува кога ќе се комбинираат законски решенија и културни интервенции. 

-Потребни ни се правила кои гарантираат дека жените не се само на листите, туку и на позициите од кои можат да победат — како и фондови за едукација во однос на лидерство, родова еднаквост, кампањи, менторски програми, коучинг и развој на резилиентност – она кое го работам преку развојна експертка преку Развојна Академија и медиумски стандарди кои ќе престанат да ги редуцираат жените на нивниот изглед или улога во семејството, а никако надвор во пошироката сфера на општественото живеење, додава Пачкова.

Како што вели, само со комплексен пристап можеме да ја смениме перцепцијата дека политиката е „машка“ професија.

На прашање од каде треба да почнеме, за да стигнеме до поголема родова еднаквост во државата и до поголема застапеност на жените, Пачкова е на ставот дека најпрвин се потребни законски мерки кои се навистина имплементирани (не само декларативни).

Исто така, појаснува, важна е интерсекционална и структурна и финансиска поддршка за жените-кандидатки, системи за грижа што ослободуваат време за јавна служба, медиумски и образовни интервенции за отстранување на стереотипите, како и постојани податоци и мониторинг. 

-Клучно – свесност, работа на себе, резилиентност и не молчење, подавање рака, приоритетно јавно/општо добро, како секојдневни акти на самоподдршка, солидарност кон себе и кон другите жени и обезбедување на простор и право на глас. Ако ги уредиме овие пет столба, плус практикување на себесвесност и поддршка, ќе видиме реална промена — бидејќи во општество 50:50, нема причина политиката да изгледа инаку, додава Пачкова. 

Според податоците од последната Проценка на населението, од 2023 година, во нашата држава има 922 015 жени и 905 801 мажи, а процентуалното учество на жените и на мажите е речиси подеднакво, т.е. 50.4 проценти се жени и 49.6 проценти се мажи. 

Б.Т.

Слични содржини