Мицкоски од Брисел: Зошто треба да внесеме неколку стотици граѓани на нашата земја во нашиот Устав? Зборуваме за непочитување на човековите права на некого?

Кои сме ние политичарите да проценуваме дали нечие право е прекршено или не? Можеме само да го злоупотребиме тоа прашање. Вистинската институција која проценува дали нечие право е прекршено или не е во Стразбур и се нарекува Европски суд за човекови права, истакна Мицкоски.

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Две и пол децении по почнувањето на нашиот пат кон членство во ЕУ, ние се уште сме на истото место, не затоа што не ги исполнуваме Копенхашките критериуми, туку поради некои вештачки причини, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешниот Самит за проширувањето во Брисел, организиран од страна на телевизијата Еуроњуз.

Мицкоски потенцира дека земјава го започна патувањето кон ЕУ пред 25 години, кога го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Унијата, стана кандидатка за членство во 2005 година, заедно со Хрватска, со која заедно го доби и првиот позитивен извештај за започнување на преговорите во 2009, но за жал денес е на истото место каде што беше и пред 25 години.

– Не, поради Копенхашките критериуми, не поради неисполнување на некои обврски, туку поради некои вештачки спорови, како што се нашето национално знаме, нашето национално име, името на земјата, поради оваа промена на уставот, па потоа поради онаа. И сега повторно сме пред уште една пречка, уште едно ограничување наметнато пред нас за промена на Уставот, потенцира премиерот.

Мицкоски истакна дека и покрај сите овие пречки, ние се уште веруваме дека нашата иднина е во Европската Унија.

– Ние сме дел од европскиот континент и веруваме дека интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ претставува додадена вредност за самата ЕУ, а тоа значи еден вид реобединување на европски континент и мислам дека иднината на мојата земја и иднината на мојот народ, Македонците, е во Европската Унија. Затоа, и покрај сите овие понижувања и разочарувања и покрај сегашната фрустрација на нашите граѓани, се уште ги споделуваме истите вредности, истакна Мицкоски.

Тој потенцира дека кога Преспанскиот договор „беше на маса“, многумина од сите страни во странство не убедуваа дека ние сме лидери во регионот и сме далеку пред другите земји од Западниот Балкан и веднаш штом ќе најдеме решение за спорот со името со Грција ќе станеме членка на НАТО, а за четири или пет години и на ЕУ.

– Тие четири или пет години истекоа пред две години и ние сме на истото место каде што бевме пред две и пол децении. Зошто? Затоа што сега пред нас е нова пречка, ново ограничување, повторно промена на Уставот, рече Мицкоски.

Според него, суштината на тие уставни измени е вклучување во Преамбулата на Уставот на дел од бугарскиот народ што живее во нашата земја, а станува збор за неколку стотици луѓе, кои на последниот попис се изјасниле дека нивниот мајчин јазик е бугарскиот.

Тој потенцира дека сега се поставува прашањето дали таа измена на Уставот ќе биде последното нешто што ќе треба да го направиме или во иднина ќе има и нови барања.

– Зошто треба да внесеме неколку стотици граѓани на нашата земја во нашиот Устав? Зборуваме за непочитување на човековите права на некого? Кои сме ние политичарите да проценуваме дали нечие право е прекршено или не? Можеме само да го злоупотребиме тоа прашање. Вистинската институција која проценува дали нечие право е прекршено или не е во Стразбур и се нарекува Европски суд за човекови права, истакна Мицкоски.