Наместо за инвестиции парите од Буџетот ќе се трошат за плати и пензии

-Има потфрлање на капиталните инвестиции кои се за 130 милиони евра помалку од претходно планираните. И тука се поставува предизвик во однос на реализацијата, вели за „Локално“, економскиот аналитичар Наумоски

од Nikola Popovski
126 прегледи Фото: Принтскрин

Наместо за економски развој и за капитални инвестиции и во 2026 година повеќе пари од Буџетот ќе се трошат за плати и пензии. Финансиските институции постојано ни забележуваат дека поголем дел од парите се трошат за социјални трансфери, а реалните економски реформи заостануваат. И последниот извештај на Европската комисија ги нотира истите слабости. И економските експерти потврдуваат дека има потфрлање на капиталните инвестиции и сметаат дека за нивна реализација треба да се подобри капцитетот на институциите.

-Има потфрлање на капиталните инвестиции кои се за 130 милиони евра помалку од претходно планираните. И тука се поставува предизвик во однос на исполнување, односно реализацијата на капиталните инвестиции. Слабата реализација на капиталните инвестиции се случува често и мораме да го зајакнеме капацитетот на системот за исполнување на истите, изјави за „Локално“, економскиот аналитичар Синиша Наумоски.

Според него, Буџетот за 2026 година е реален, но има простор за критики. Со него, како што вели државата испраќа порака за фискапла стабилност и предвидливост.

-Со самото тоа што нема избори во 2026 година значи дека инвеститорите и стопанството ќе имаат поголема предвидливост. Приоритетите се насочени кон заштита на животниот стандард преку поголеми плати, пензии, социјални трансфери…што е поддршка на домашната потрошувачка која пак е основа за раст на БДП, вели Наумоски.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Синиша Наумоски

Тој потенцира дека треба да бидеме внимателни околу трошоците за да не го надминат проектираниот лимит. Што се однесува до задолжувањето Велика Британија вели дека тоа во голем дел ќе се реализира во 2027 година, поради што не постои опасност од презадолженост. Ќе имаме стабилност во враќање на старите долгови, бидејќи е предвидена еврообврзница од 950 милиони евра.

Економските аналитичари сметаат дека има стабилна основа за посилен инвестициски циклус и поголема стапка на економски раст.

Дел од нив предупредуваат дека буџетот не треба да се гледа само како бројка, туку треба подлабока анализа на тоа за што се трошат парите.

-Јавните расходи треба да се гледаат како процент од бруто домашниот производ. Ако расте БДП нормално да растат и расходите затоа што растат и потребите за финансирање преку државата, зголемување на плати, пензии… Ако буџетот се намалува, а овие давачки растат тогаш е проблем да се финансира државата. Треба да се намали јавната администрацијата и повеќе работи да финансира приватниот сектор. Прашањето не е само колкав е бројот на вработени, туку дали тие придонесуваат да расте економијата. Во некои делови од јавната администрација има превработеност, а некаде недоволно вработени што генерално придонесува администрацијата да не е ефикасна, сметаат економските аналитичари.

За наредната година буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти од БДП или 637 милиони евра. Капиталните инвестиции се намалени и проектирани на 650 милиони евра. За покривање на долгот, планирано е да се задолжиме околу 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница. Проекциите се дека БДП догодина ќе порасне за 3,8%, а инфлацијата да изнесува 2,5%.

Б.С.