Бугарскиот новинар и основач на „БГНЕС“ Љубчо Нешков изразил сомнеж во однос на изградбата на стратешкиот Коридор број 8. Тој ова го коментирал во однос на фактот дека денес на железничката станица Ѓуешево во Бугарија треба да се потпише договорот за подготовка и работа на железничкиот тунел меѓу Бугарија и Македонија- дел од Коридорот 8.
„По повод првата годишнина од членството на Бугарија во Европската Унија во Италија, направив документарец за Коридорот број 8. И во него имаше разговор со човек од пристаништето во Бургас. Тој рече: „Овој Коридор никогаш нема да биде изграден затоа што Русија не го сака“. Тоа беше 2008 година“, изјавил Нешков, пренесуваат бугарските медиуми.
Нешков, исто така, се потсетил на зборовите на покојниот македонски претседател Борис Трајковски:
„Во нашиот последен разговор, во 2001 или 2002 година, темата повторно беше Коридорот број 8. И тој кажа три реченици што сè уште ми одѕвонуваат во главата: „Грција прави сè што е можно, пренасочува средства, враќа средства, за да не се спроведе Коридорот број 8“, рекол новинарот.
Нешков нагласил дека денес кинеското влијание се додава на руското и грчкото влијание, а за Македонија приоритет е Коридорот 10 односно поврзувањето на Будимпешта, Белград, Скопје и Атина.
„Дали треба да бидеме песимисти? Не верувам ниту на Гроздан Караџов ниту на Александар Николоски, кој до вчера нè нарекуваше „мизерни“ и дека Коридорот е апсолутно бесмислен од економска гледна точка, дека ќе го изградат Коридорот 8“, коментирал Нешков.
Според него, церемонијата во Ѓуешево е важна не само за регионот, туку и за безбедноста на Европа:
„Ова не е само автопат по кој можеме да прошетаме до Скопје за време на викендот. Ова е дел од мобилната безбедност на континентот. Затоа таму се присутни претставници на Европската комисија, НАТО и дипломатските мисии – бидејќи тие повеќе не веруваат во прес-конференции и селфиња“, додал бугарскиот новинар.