Николоски до бугарски новинар: Вие и ваши колеги сакавте да направите политички проблеми од меѓуграничниот тунел, за среќа не успеавте

За ланската изјава на Николоски дека дел од политичарите во Софија биле „нецивилизирани“ и овогодинешната дека „Бугарија не прави ништо за изградбата на Коридорот 8“, вицепремиерот му порача на новинар од Бугарија дека се зборува за инженерски проблеми на проектот, а не за политички проблеми

од Nikola Popovski
261 прегледи Фото: Принтскрин

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, по потпишувањето на Договорот за изградба на меѓуграничниот тунел на пругата од Коридорот 8, порача дека средствата се обезбедени и дека првата фаза од Куманово до Бељаковце веќе е завршена и е ставена во функција.

Втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка се работи во моментов.

-Морам да кажам дека не сме многу задоволни со изведувачот и заедно со нашите партнери од ЕБОР ќе бараме заедничко решение како да го надминеме проблемот, кажа Николоски на потпишувањето во Ѓуешево.

За ланската изјава на Николоски дека дел од политичарите во Софија биле „нецивилизирани“ и овогодинешната дека „Бугарија не прави ништо за изградбата на Коридорот 8“, вицепремиерот му порача на новинар од Бугарија дека се зборува за инженерски проблеми на проектот, а не за политички проблеми.

-Тоа што вие и ваши колеги сакавте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте и затоа денеска сме тука. Мислам дека доволно одговорив, кажа Николоски на новинарско прашање. По ова, вицепремиерот беше запрашан дали ќе се извини за таквите изјави, на што немаше одговор.

Во април годинава, нашиот вицепремиер рече дека испратиле над 15 дописи до бугарската страна и немале одговор. „Очигледно Бугарија не сака да ја гради пругата. Македонија во моментов е единствена земја која што гради железница на коридорот 8. Ниту Албанија гради, ниту Бугарија гради“, рече тогаш Николоски.

Лани во септември, Николоски за средбата меѓу претседателите Гордана Сиљановска-Дакова и Румен Радев во Софија, рече домаќините не покажале респект кон нашата претседателка.

„Минимум пристојност е да ставите знаме на државата од која што доаѓа претседателот. И минимум човек треба да е нормален за тоа да го сработи. Најмалку треба да се очекува од претседател на држава да оди таму и да гледа каде има – каде нема знамиња. Тоа не е работа на претседателката, туку на домаќинот да покаже пристојност.

Ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има каква било почит, затоа е работава ваква каква што е. Е сега помизерни од нив се само нашиве домашниве слуги, кои прифатија дека имаме заедничка историја и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, сега зборуваат за патриотизам“, кажа тогаш Николоски.