Од вечерва почнува акцијата на Орце за чистење на Скопје

„Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција, а тоа е за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив“, најави Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
40 прегледи

Орце Ѓорѓиевски, кој победи во вториот круг од локалните избори во недела, денеска го доби увернието за избран градоначалник. Чинот на примањето се изврши во просториите на Градската изборна комисија во Градот Скопје.

„Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје. Но, истовремено е и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија, конкретни резултати и многу дела“, порача Ѓорѓиевски.

Градоначалникот од вечерва ја најави својата прва акција за чистење на главниот град за 72 часа.

„Скопје, го менуваме од корен! Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција, а тоа е за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив. А утре, започнуваме со темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив, за градот конечно да функционира како што скопјани заслужуваат“, најави Ѓорѓиевски.

Претходно Ѓорѓиевски јавно тврдеше дека ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ располага со 117 камиони, од кои „само 17 се исправни“, а од 46 метлачки и возила за перење улици „само 6 се исправни“.