„Извештајот на Европската Комисија не нотира уназадување, но не нотира ни напредок. И тоа е секако загрижувачки затоа што излегува дека сме изгубиле една година за да се придвижиме напред и да решиме дел од проблемите со кои ни се соочува државата. Она што се бара во контекст на пристапниот процес и што ЕУ оценува во годишните извештаи се истите области за кои ние како граѓани постојано реагираме и за коишто нашите власти постојано се обврзуваат дека ќе работат на подобрување, нема тука ништо ново.Владеење на правото, пред се квалитетно судство, ефикасни инспекциски служби, борба против корупција, функционална администрација, зачувување на животната средина… “, вели во анализа за „Локално“, аналитичарката и претседателка на невладината „Естима“, Ана Крстиновска за најновиот официјален документ од Брисел за напредокот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ.
Според неа, многу илустративен пример на тоа каде сме на сите полиња гледаме во последната година, почнувајќи од Кочани, преку сите жртви во сообраќајот, до пожарите. И тоа не само во последната година, додава соговорничката, туку и сите инциденти и трагични настани кои се случуваа претходно, сите се во извесна мера резултат на овие состојби кои со години не се адресираат.
-Така што, не смееме да си дозволиме да отвораме непотребен фронт со службите на Европската Комисија кои го подготвуваат извештајот и кој е кредибилен и издржан. Наместо да ја потценуваме тежината на извештајот или да бараме изговори, вистинскиот став би бил да се прифатат критиките и да се започне сериозно да се работи на сите полиња, порачува Крстиновска.
По ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека реално сме само зад Црна гора и на исто ниво со Србија, но пред Албанија, БиХ и Косово на евроинтегративниот пат, аналитичарката вели дека видовме кај некои регионални организации некоја математичка пресметка на напредокот која така ги поставува работите, дека Црна Гора е прва, а ние со Србија следиме со разлика од 0.01 процентни поени.
-Но, јас тука не гледам апсолутно ништо позитивно и секако не е за радување тоа што сме на исто ниво со Србија, каде што гледаме што се случува во последната година. Напротив, ние ја имаме истата оценка за напредок во повеќето поглавја со години, додека Црна Гора и Албанија сериозно се придвижиле напред. Освен тоа, за нив веќе има временска цел кога би ги завршиле преговорите и потенцијално би станале држави членки, постои голем ентузијазам и во Брисел и во државите членки, а за нас не се ни разговара на тој начин, истакнува Крстиновска.
Според тоа, додава соговорничката, пристапот да се споредуваме на таков, формален начин или да го омаловажуваме напредокот на дел од државите околу нас е погрешен.
-Пристапниот процес, колку што е технички, толку е и политички. Државите кои вложуваат напори, како на пример Албанија, Црна Гора, па дури и Украина која паралелно води војна на својата територија, секогаш се препознати и поддржани, дури и кога реформите што ги спроведуваат се одвиваат бавно и тешко. И ние како држава треба да го искористиме моментот кога постои фокус на проширувањето за да добиеме поддршка, техничка, финансиска, дипломатска, и конечно да оствариме некаков напредок, констатира Крстиновска.
Постои општ впечаток, особено по изборите, дека актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ само ќе го зацврсти, веќе тврдиот, свој став за уставните измени. Запрашан дали очекува промена на тој план, претседателката и основач на невладината „Естима“ вели дека гледа две потенцијални сценарија и во следните месец-два ќе видиме кое од нив ќе го добиеме и веројатно живееме во следните неколку години.
-ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори доби апсолутна власт и има доволно „кредит“ активно да иницира и поддржи решавање на спорот со Бугарија. Потпишувањето на договорот за тунелот на Коридор 8 (вчера) можеше да биде симболично подавање рака и изразување заедничка желба дека комуникацијата ќе продолжи, дека двете страни ќе работат на градење доверба и дека на тој начин постепено ќе дојдеме до решение, не само за уставните измени, туку и до некаква гаранција дека Бугарија нема да излезе со нови барања и вето понатаму. За вакво придвижување потребна е секако политичка одговорност и храброст, но ако постои волја на страната на ВМРО-ДПМНЕ, лесно ќе се мобилизира политичка поддршка и кај останатите партии (освен Левица), оценува Крстиновска.
Доколку тоа не се случи во следниот период кога ВМРО-ДПМНЕ може политички да си дозволи такви чекори, истакнува аналитичарката, нема да се случи ни во следните неколку години.
-Тоа значи дека нема да продолжиме со преговорите, а веќе е очигледно дека ниедна држава од регионот не може да се реформира и да оди напред без преговори кои водат кон членство во ЕУ. Одговорност секако ќе постои но ќе биде поинаква, зашто многу веројатно ќе продолжиме да стагнираме – и можеби да назадуваме во сите процеси, со полоши резултати од дел од државите од регионот кои ќе продолжат да напредуваат кон членство во ЕУ. Такво сценарио ќе води зголемен популизам и поларизација, зашто ќе се јави мобилизација кај голем дел од населението за решавање на проблемите и пробив во евроинтеграцијата. Во меѓувреме државата ќе продолжи да биде или да станува сè понепожелно место за живот, ќе продолжи одливот на млади и на квалитетен кадар, ќе имаме уште поголеми демографски притисоци, предизвици во интер-етничката кохезија, помалку инвестиции… Не би сакала да набројувам понатаму зашто сакам да останам оптимист и да верувам дека иднината ќе биде првото сценарио, заклучува Крстиновска.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Делегацијата на ЕУ во Македонија
„Ако ги направевме уставните измени ќе бевме најдобри, за потоа да добиеме ново вето и повторно да има нови проблеми“, ова е ставот на премиерот Мицкоски кој од евроамбасадорот Михалис Рокас го доби извештајот за напредокот во кој повторно се повикува земјава да ги направи уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата. Тој рече дека извештајот не е оценка за една година или за една Влада, туку за континуитетот на реформските процес, и е задоволен од она што стои во документот – вели, во некои области има одреден или ограничен напредок, во некои добар напредок, а во ниту една област нема назадување.
Сепак, Мицкоски признава дека во дел од областите има стагнација, како што се владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата, за што се потребни реформи во правосудството.
Премиерот не се согласува со констатацијата дека има други земји што се пред нас. Напротив, тој смета дека Македонија со реформите подобро стои од Албанија, а пред нас е Црна Гора. Амбасадорот Рокас повика земјава да ги направи неопходните чекори.
Премиерот уверува дека Владата е посветено на реформите. Извештајот покажа целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и дека земјава останува сигурен партнер.