Официјален Брисел го поздрави Договорот за тунелот меѓу Македонија и Бугарија

Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, во објава на „Х“ го оцени Договорот како голем чекор напред во билатералната соработка и развојот на добрососедските односи

од Nikola Popovski
13 прегледи

Европската Унија го поздрави потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија.

Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, во објава на мрежата „Х“ го оцени договорот како голем чекор напред во билатералната соработка и развојот на добрососедските односи.

„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“, напиша Кошта.

Поддршка за проектот изрази и еврокомесарката Марта Кос, која истакна дека продолжувањето на работата на Коридорот 8 е клучно за регионалната поврзаност.

„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8 – клучен проект што ги поврзува Јадранското со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и подобра комуникација меѓу луѓето“, напиша Кос.

Договорот за изградба и оперативност на тунелот беше потпишан вчера во Ѓуешево од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов.

Пругата на Коридор 8, покрај економското значење за Македонија, регионот и Европа, има и безбедносна димензија од аспект на НАТО Алијансата.

Слични содржини