Словенечките вооружени сили денес започнаа тридневна вежба „Есен 2025“ во воздухопловната база Церкље на Крка, за време на која ќе вежбаат усогласување на своите оперативни планови со регионалните планови на НАТО, објави Министерството за одбрана на земјата.
Во соопштението се вели дека вежбата ќе се фокусира на процедурите за зголемување на воените капацитети, мобилизација и поддршка на земјата домаќин во потенцијални кризни услови, пренесува агенцијата СТА.
Вежбата е усогласена со новиот модел на сили на НАТО, кој беше одобрен на самитот во Мадрид во 2022 година, и е дизајнирана да го зајакне одвраќањето, одбраната, управувањето со кризи и соработката во безбедноста.
Словенечките единици се дел од овие сили, кои се способни за брзо распоредување во голем број мисии, а контингентот во кој се дел е моментално распореден во Латвија и Словачка.
Во текот на неделата, припадниците на словенечката војска ќе ја одржат и вежбата „Пајажина“, интегриран систем за воздушна и ракетна одбрана на НАТО, насочен кон идентификување и пријавување на упади во воздушниот простор и реагирање на беспилотни летала.
Министерството објави дека наскоро ќе ја одржи вежбата „Залив 2025“ во словенечките територијални води, со учество на командата на 430-та поморска дивизија и патролниот брод „Анкаран“.