Вашарот што го гледавме на маршот за ѓубрето е всушност симболичка антрополошка рефлексија на денешните Македонци, сета беда и триумф на бизарноста и очајот на веќе непостоечкиот колективен Македонски Ум. Маршот за ѓубрето е најсликовит приказ на тоталниот, стрмоглав пад во неврат, преку политички франкештајновските канџи на незаситните за повеќе и повеќе власт мициња при што таа ноќ уште еднаш видовме дека нема граници на нивната первертирана имагинативност при постигнување на таа цел. Нашето општество и држава кои до пред десетина години имаа историска можност за пробив во прогресивните цивилизациски светско-историски движења денес веќе спаднаа на дереџе тој вашар на кичот и медиумскиот шунд кој го следеше да изгледа како циркус што повремено преминува во санаториум и обратно, тоа циклично рециклирање на злото на мициленд, на мициленд као чисто зло, како колективна рефлексија на простототилакот и анти-Хегеловска синтеза на тезата и антитезата наречени мицково дпмне и венково сдсм.
Меѓу камионите за ѓубре и метларките режимот како да беше во својот најприроден симболички амбиент, вашар во кои беа собрани сите одговори за иреверзибилните големи порази во последните десетина години на Македонецот, пораз на него самиот како некогаш цивилизиран центар на писменоста на Балканот и Европа. Кирил и Методиј и Климент Охридски и сите наши просветители се денес веќе буквално само бледа национална меморија која не може да најде ниту еден свој агол во бедата на духот наречен мициленд. Таа Хобсовска пред-политичка толпа таму ние денес дозволивме да ги симболизира Македонското општество и држава и уште полошо, Македонската историска свест: мициленд каде што диктаторски владеат мицињата. И тешко е воопшто и да се замисли некаков спас, бидејќи во еден битен аспект маршот за ѓубрето повеќе е есхатолошки исход на темпорално сукцесивното паѓање на самосвеста на Македонецот во последните десетина години – од шарената револуција како лажен крик за слобода до овој последен ласцивен вашар на мициленд среде метларките и камионите за ѓубре, како високо-симболично огледало на нас самите што сме заробени и покорни слуги на злото наречено мициленд. Ова е ултимативно вртоглаво паѓање, пад – како во документаристичкиот филм за последните денови на хитлер во подземниот бункер под рајхстагот, само што овојпат ние сите во мициленд сме во бункерот, изолирани од цивилизацискиот развиток, најсиромашни, без перспектива освен токму континуиран пад на сите витални одредници на Македонците. Циркусот на замислените богови на мициленд востоличени на тронот не на Олимп туку во пејсажот на бесмислата на паркинг во мициленд е триумф на политичкиот простотиталак, ритуално понижување на Македонскиот Ум. Тој ѓубреџиски пир категорички ја определува нашата иднина во мициленд – тиранија на мициња која сите нас ќе не претвори во децентрирано антрополошко ѓубре, кое ќе расте и ќе се зголемува правопропорционално со молкот на циничниот и исплашен ум, како деперсонализирано искуство на Гулаг во мициленд, голи оток во мициленд.
Денес веќе сум тотално уверен дека Сдсм намерно дозволи да паднеме во канџите на мицково дпмне од кои нема да можеме да се ослободиме освен како високо-апстрактно субјективно преживување во негативна утопија, а историската вина за тоа нема да се заборави со децении, ако воопшто и не има тогаш како организирана политичка заедница. Само Ескимите, или некој од Тајланд, можеби понекои и од Ташмаруништа би можеле да помислат дека фотографиите на насмеаните Карпошани Сотир и Маја односно дпмне мицковистичко и венковистичко-заево сдсм се од случајни средби и еуфорични изблици на старо познанство, службено преку многу профитабилниот алколоид или одраз на политичка култура – не, тие беа всушност симболика на насмеаните дпмне и сдсм, тие беа видив изблик на договорите, кои веќе впрочем и не се тајна. Насмевката на оној од сдсм во центар исто така со популарниот Соте од Карпош, па потоа и на маршот за ѓубрето пак со Соте, Орце и Мицковски, на тој негативен дијалектични историски topos и синтеза на злото во мициленд, на вашарот на ѓубреџискиот кич, исто така, се разбира, не беа случајни туку симулакрум на триумфот на просветената лажна свест на самозамислените заеднички владетели на мициленд, и веројатно вгнездување на сдсм венково во буџетите на државата окупирана од дпмне мицково – мициленд. Впрочем, и не се ни потребни некакви анализи на гласачки бројки за потврда на овие факти, но сепак – во случајот Карпош:
„СДСМ да гласа за ВМРО-ДПМНЕ! Ова не е видено до сега“, коментираа двајца поддржувачи, правејќи пресметки дека во избирачки места каде што Социјалдемократскиот сојуз е традиционално силен, сега Лукровски има повеќе гласови, или поточно – има речиси исто гласови колку што имале заедно со кандидатката Маја Мојсова-Мијовска во првиот круг, обвинувајќи ги двете партии дека се договориле.Таквите теории дополнително ги засили заедничката фотографија на Лукровски и Мојсова-Мијовска на два дена пред изборите, од средба што двајцата ја нарекоа случајна.Една проверка на десетина избирачки места навистина покажува дека резултатот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг е близок со збирот меѓу таа партија и СДСМ во првиот. Но, што се случувало зад гласачките паравани, и дали екстра гласовите за Лукровски дошле од СДСМ, никој не може да знае. – „Стевчо Јакимовски овојпат послаб од судбината“, призма.мк., 03 Ноември 2025. Во таа насока е и анализата – „Дали имаше задкулисни игри меѓу ВМРО и СДСМ: „Партијата на Филипче свесно одлучи да не му помогне на Јакимовски во Карпош и да ја пушти низ вода Струмица“ Локално.мк., 04.11.2025 : „СДСМ свесно одлучи да не му помогне на Стевче Јакимовски во Карпош и да ја „пушти низ вода“ Струмица… Со минимална мобилизација и со гласање против ВМРО-ДПМНЕ, сосема извесно е дека г-динот Јакимовски ќе ја надминеше предноста од околу 1000 гласа што ја имаше г-динот Лукровски. На тоа укажува и фактот дека имаше повеќе од 2800 пречкртаните и неважечки ливчиња. Се чини дека ова беше стратегиски избор на раководството на СДСМ – за причините, најдобро е тие самите да одговорат, посочува Небиу“. Во случајот Центар:
„Во првиот круг, тој доби две илјади гласа повеќе од партиската советничка листа. Истовремено, неговиот противкандидат Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ доби две илјади гласови помалку од вкупниот број гласови за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Таквиот резултат отвори бројни шпекулации за заткулисни игри и договори за поддршка. И во вториот круг, Герасимовски успеа да ја зголеми поддршката за околу две илјади гласови, а Лабудовиќ доби околу илјада гласа помалку од оние што во Центар гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.“ – „вмро-дпмне со малку гласови до многу власт“, призма,мк., 03 Ноември 2025.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.