Пендаровски го демантира Фрчкоски: Никогаш не сум „мешетарел“ во СДСМ, изјавата е целосно одлепена од реалноста

„Многу поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради "квалитетот" на изворите со кои се дружат“ - му порача Пендаровски на Фрчкоски

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Стево Пендаровски

Екс-шефот на државата, Стево Пендаровски реагираше во јавноста по вчерашната изјава на професорот и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски. Пендаровски вели дека Фрчкоски го употребил неговото име во негативен контекст.

„Изјавата е проблематична минимум на две нивоа: македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно бавење со јавните работи никогаш не сум “мешетарел” како многу други во чии кариери нема ништо друго освен задкулисни маневри и кафеанско озборување. Меѓутоа, многу поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради “квалитетот” на изворите со кои се дружат“, стои во објавата на Пендаровски.

Фрчкоски во емисијата „Во Центар“ изјавил, меѓу другото, дека постојат неколку лоби-групи кои се обидуваат „да го сменат Венко Филипче од позицијата претседател на СДСМ“.

„Има луѓе кои се обидуваат нешто. Ме чуди зошто Пендаровски толку мешетари внатре, нема потреба од тоа. Мешетари без везе. Тоа не се организирани лоби-групи, но е непријатно. Лидерот во оваа смисла заслужува поддршка и екипата што ќе ја формира заслужува поддршка….“, рекол професорот.