Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме корисници како држава, вели Трипуновски по поткупот во Платежната агенција

Трипуновски: „Нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“

од Nikola Popovski
17 прегледи

„Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

„Она што веднаш по сознанието односно акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата“, појасни министерот, стои во соопштението објавено на сајтот на МЗШВ.

Министерот посочи дека во брз период ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.

„Ние како држава сме решени да ја спроведеме борбата против корупцијата“, нагласи тој.

Ова следува откако денеска неговиот претходник и актуелен пратеник, Љупчо Николовски на прес-конференција соопшти дека ИПАРД 3 програмата, инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој е суспендирана на неопределно време. Тој посочи дека одлуката стапила на сила веднаш, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици.

Николовски: Стопирана ИПАРД програмата поради корупцискиот скандал со директорот на Платежната агенција

 

Илија Стоилев, актуелниот директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се сомничи дека бил затекнат како прима поткуп во износ од какошто дознаваме 5 илјади евра со цел да забрза процес на исплата на европски пари кои ги распределува агенцијата. Стоилев за директор на Агенцијата е назначен во јули 2024 година од страна на Владата. Тој покрај директорската позиција е ѝ претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.