Мицкоски лично побарал времен прекин на исплатите од ИПАРД и повторно порача дека „сите ќе одговараат“ за злоупотребите

„Првичните информации велат дека не е тоа само отсега туку и наназад е правено. Сѐ ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине, се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен - кој сака нека е“, рече денеска Мицкоски запрашан за случајот со поткупот во Платежната агенција

од Nikola Popovski
52 прегледи

Министерството за финансии ја стопира програмата ИПАРД 3. Ја известиле Европската комисија за привремен прекин на исплатите. Одлуката доаѓа по скандалот во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој, во која се води истрага за корупција и злоупотреби на европски фондови.

-Јас тоа го побарав затоа што мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Првичните информации велат дека не е тоа само отсега туку и наназад е правено. Сѐ ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине, се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен, кој сака нека е, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски запрашан за случајот со поткупот во Платежната агенција.

Министерот за земјоделство вели дека Брисел нема донесено одлука за блокада на средствата од ИПАРД програмата, напротив борбата што ја водиме против корупцијата е поздравена од Европската унија. Цветан Трипуновски додава дека за брзо време Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој ќе има нов директор.

Претходно, поранешниот министер за земјоделство од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски објави дека програмата ИПАРД 3 е суспендирана и дека на неопределено време се запираат исплатите за земјоделците и фирмите кои склучиле договори.

За овој скандал во притвор е директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев и други четири лица осомничени за примање мито за доделување на средства за проекти од програмата ИПАРД 3, иако законските услови не биле исполнети. Стоилев за директор на Агенцијата е назначен во јули 2024 година од страна на Владата. Тој покрај директорската позиција е ѝ претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе.