Русија е подготвена да ги продолжи мировните преговори со Украина во Истанбул, соопшти руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на функционер на Министерството за надворешни работи.
Последните разговори меѓу двете страни во турскиот град се одржаа на 23 јули, објави Ројтерс. ТАСС го цитираше функционерот Алексеј Полшчук кој изјави дека турските претставници постојано инсистирале на продолжување на мировните преговори.
„Рускиот тим е подготвен за ова, топката е во дворот на Украина“, метафорично рече рускиот административен функционер.
Украина ги отфрла тврдењата на Кремљ дека е виновна за застојот во мировниот процес додека војната се приближува кон својата четврта година.
На состанокот на 23 јули, кој траеше само 40 минути, украинската страна предложи состанок во август меѓу претседателот Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
Кремљ потоа соопшти дека Путин е подготвен да се сретне со Зеленски, но само во Москва – услов што беше отфрлен од Киев.